1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Одбројување до ЕП во ракомет

Македонските ракометари ги бројат последните денови до патот во Србија на Европското првенство. Шведска, Германија, Чешка се трите репрезентации испречени пред македонскиот состав во групата во Ниш.

default

Кире Лазаров

Македонските ракометари подолго време се под притисок на јавноста, која се надева дека ќе бидат сукцесори на македонското кошаркарско чудо, летото во Литванија.

Капитенот и лидер, Кире Лазаров: „По изминатата тешка година, кога вложивме многу труд и напор да се пласираме на Европското првенство и да ги израдуваме македонските љубители на спортот, ќе се обидеме да се претставиме во добро светло. Имаме мала привилегија, бидејќи ЕП се одржува во Србија, значи ќе бидеме бодрени од голем број на наши навивачи. Тоа за нас ќе значи додатна енергија за да дадеме максимум.“

Неблагодарни прогнози

Шведска, Германија, Чешка се трите репрезентации испречени пред македонскиот состав во групата во Ниш. Друштво на силни, изедначени екипи, чии мечеви и исходи е неблагодарно да се прогнозираат.

„Можам слободно да кажам дека Европското првенство е многу посилно од Светското, затоа што на ЕП нема аутсајдери, како што се, карикирам, Австралија, Алжир итн. Значи, нема натпревар со апсолутна фаворитска улога. Сите мечеви ќе имаат статус на дерби и до последен момент не ќе е познат победникот. Оттаму, ние можеме многу да зборуваме за потешка или полесна група, дали можевме во жрепката и подобро да минеме...Останува да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар!“

Европското првенство во Србија е истовремено и патоказ кон Олимписките игри во Лондон. Олимпијадата е најинспиративниот можен настан за секој спортист. Лазаров е реален-не сме во ситуација да се расфрламе со изјави, но ако се укаже шанса, треба да се искористи.

„Во нашите глави веќе правиме математика, како може и што може да се направи. Ги знаеме потенцијалните противници со кои рамноправно ќе конкурираме за преостанатите две места од квалификациите за Олимпијадата. Доколку ни се укаже, шансата мораме цврсто да ја приграбиме, да не ја испуштиме како што ни се случи на Светското првенство во 2009-та во Хрватска, кога ни недостигаа само два бода за пласман во полуфиналето“.

Атлетико е мојот остварен сон

Кире Лазаров го носи дресот на шпанскиот Атлетико од Мадрид. И во овој славен шпански тим ја има водечката голгетерска улога.

„Тоа што го сонував долго време како спортист, сега ми се остварува. Атлетико Мадрид е еден од првите 4-5 тима во Европа. Рамноправно конкурира за титулите во сите наатпреварувања во кои учествува. Со задоволство го носам дресот на Атлетико. Секоја недела имаме дерби-натпревар и тоа е шлагот, кој еден спортист може да го собира во својата кариера“.

На пролет му завршува договорот со Атлетико, но Лазаров во моментов не размислува за идните чекори во кариерата. Вели, ужива во ракометната игра, а главната обземеност е претстојното Европско првенство.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска

Редактор: Ж.Ацеска