1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одбиена жалбата на Тарчуловски

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ги отфрли жалбите на одбраната на Јохан Тарчуловски и на Обвинителството за ослободителната пресуда за Љубе Бошковски за случајот „Љуботен“. Ова се воедно конечни одлуки за случаите

default

Со овие одлуки на Меѓународниот Суд за воени злосторства во поранешна Југославија се потврдуваат пресудите од 12 јули 2008 година со кои Бошковски беше ослободен од сите обвиненија за извршени злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски доби казна затвор од 12 години.

Жалбениот совет не ги прифати аргументите на одбраната на Тарчуловски дека тој не е одговорен за полициската акција во Љуботен, зашто таа била легитимна и според меѓународното право не може да се смета за воено злосторство. Љуботен, според одбраната, е случај без директен доказ за извршено воено злосторство, кој има локален карактер и треба да се процесуира во Македонија.

Тарчуловски и Бошкоски беа единствените македонски државјани кои беа процесуирани во Судот во Хаг за случувањата за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.

Тарчуловски ќе биде префрлен во затвор во друга земја

По денешната судска одлука Тарчуловски останува во затворот во Шевенинген, каде е од од 16 март 2005 година кога по барање на Хашкиот трибунал беше екстрадиран од Македонија во Холандија. Тој ќе остане во Шевенинген се’ додека не заврши процедурата за негово префрлување во земја во која ќе продолжи да ја отслужува затворската казна. На објавувањето на пресудата по жалбата на Тарчуловски присуствува повеќе од 130 негови пријатели, поддржувачи, градоначалници, пратеници, меѓу кои и 30 новинари од Македонија, кои со чартер лет обезбеден од Здружението за поддршка на Јохан, рано изутрината од Скопје заминаа за Хаг.

Автор: СН/ AT/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска