1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одбивност кон политиката во Романија

Романците денеска (29.07.) на референдум гласаат околу отповикување на Претседателот на државата. Опозицијата ги повика своите приврзаници да го бојкотираат референдумот. Најголемиот дел од луѓето имаат поинакви грижи.

На централниот пазар во Клуж луѓето се жалат поради високите цени. На референдумот нема да учествува, вели една пензионерка, чија месечна пензија изнесува околу 140 евра. „Сите политичари се крадци“, вели таа со израз на гадење на лицето. Слично околу политичката состојба рамислува и една 52-годишна учителка: „Тие само се караат за власт“. Вели дека не знае дали ќе учествува на референдумот.

Како пензионерката и учителката во Клуж размислуваат многумина во Романија. Незаинтересираноста и негативниот став кон политиката достигнуваат рекордни вредности. Во изминатите две години, со драстичната програма за штедење, голем дел од населението западна во материјални тешкотии. Здравствениот систем е соочен со проблемот на иселување на лекарите во странство, а во образовниот систем владее хаос во управувањето. За сето тоа многумина Романци го обвинуваат претседателот Трајан Басеску и неговите либералдемократи, кои на власт беа до април годинава.

Огорчена борба

Референдумот за судбината на Басеску е врв на огорчената борба за власт меѓу актуелното социјал-либерално владино мнозинство и приврзаниците на претседателот на државата.

Traian Basescu

Трајан Басеску

Во основа станува збор за „борба меѓу бароните на двата политички кампа“, оценува публицистот и историчар Овидиу Печкан од Универзитетот Клуж. Сепак, владата особено безобѕирно ги крши демократските правила на игра. Таа е составена од сојузот на три партии „Социјал-либерална унија“ (УСЛ), чиј дел е и Социјалдемократската партија (ПСД). Таа по 1989 година беше собиралиште за партиската елита и луѓето од тајните служби од времето на диктатурата на Чаушеску. Во април годинава УСЛ доби мнозинство. Дел од парламентарците тогаш преминаа во редовите на УСЛ. На тој начин беше соборена владата на Михаи-Разван Унгуреану.

Критики од ЕУ

Мандатот на претседателот истекува дури на крајот на 2014 година. УСЛ не сака да чека дотогаш за целосно да ја преземе власта во државата во свои раце. По само три недели владеење, владата на премиерот Виктор Понта, на крајот на јуни почна со подготовки за отповикување на претседателот од функцијата. За ништо да не тргне неопаку, со декрет беа скратени компетенциите на Уставниот суд и беше променет законот за референдум. Освен тоа, беа сменети претседателите на двата дома на парламентот и омбудсманот. На 6 јули конечно парламентарното мнозинство гласаше за суспензија на претседателот. Таа суспензија сега мора да биде потврдена на референдум.

Victor Ponta

Виктор Понта

Владата на Понта првично го промени законот за референдум со декрет, така што за референдумот да биде важечки не беше потребно пропишан најнизок праг на учество на граѓаните. Уставниот суд го укина ваквиот декрет. Сега, за гласањето на референдум да биде валидно, потребно е својот глас да го дадат најмалку 50% од граѓаните со право на глас.

Во Романија многумина интелектуалци зборуваат за „пуч“ или „постапка слична на државен удар“, меѓу нив дури и критичари на претседателот Басеску. И Европската комисија реагираше невообичаено остро. Таа го обвини Понта дека не ги почитува правилата на правната држава и на Романија и‘ се закани со остри санкции, меѓу нив дури и со можност за одземање на правото на глас во телата на ЕУ. Засега земјата е под засилен надзор од страна на ЕУ, а влезот во Шенген-зоната е чекор подалеку.

Се‘ е за да се влијае врз правосудството?

Влијанието врз правосудството, според многумина набљудувачи, е вистинската причина на борбата за моќ меѓу владиното мнозинство и претседателот. „Романското правосудство во меѓувреме стана понезависно, но корумпираните политичари сакаат да се заштитат од осуда“, вели правничката од Букурешт, Лаура Стефан. Таа, како член на независна експертска група, по налог на ЕУ ја анализира состојбата на правната држава во Романија.

Korrupte Justiz

На правосудството не му се пишува добро?

Во УСЛ има голем број политичари кои се под сомневање за корупција, тоа не можат да го негираат ниту претставниците на оваа партиска алијанса. Но кога ќе бидат конкретно прашани, одговорите се неодредени. „Менталитетот на политичката класа мора генерално да се промени“, вели Корина Крету, вице-претседател на ОСД и пратеник во Европскиот парламент, која со прстот покажува на политичките противници.

И во политичкиот камп на претседателот Басеску има низа случаи на корупција. Неговиот однос кон темата корупција е двоен. Од една страна тој дава поддршка за реформа на правосудството и борба против корупцијата. Во моментов има некои политичари на неговата ПДЛ кои се во затвор поради корупција. Но, од друга страна, Басеску никогаш не се спротивставил решително против елитите во неговиот политички камп кои се осомничени за корупција.

Поранешната министерка за правда и актуелен пратеник во Европскиот парламент, Моника Маковеј, која важи за голем борец против корупцијата, сепак го брани претседателот: „Да, и во нашата партија има корумпирани политичари“, вели таа, „но либералдемократите ги прифаќаат пресудите, а со Басеску како претседател правосудството ќе остане независно“.

Доколку на референдумот мнозинството гласа против Басеску, изгледите не се добри, вели Маковеј: „Тогаш правосудството повторно ќе се најде под политичко влијание, а борбата против корупцијата ќе биде послаба.“