1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одбележана 10-годишнината од смртта на претседателот Трајковски

Македонска државна делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов денеска ја одбележаа 10-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски.

Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија, регионот миротворец посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебно разбирање и почитување, а светот пак човек со големо срце кој со својата добра мисла ги поврзуваше луѓето каде и да одеше. Ближните загубија сакан сопруг, татко, син, брат, роднина, пријател... Ова го истакна македонскиот претседателот Ѓорге Иванов кој денеска (26.02) ја предводеше македонската државна делегација на одбележувањето на 10-те години од авионската несреќа и загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговите соработници во месото Ротимље кај Мостар.

„Денес 10 години подоцна сѐ уште чекаме да се исполни визијата на Борис Трајковски за европска Република Македонија. Уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин за Македонија, како полноправна членка на ЕУ и на НАТО ќе биде остварен“, изјави Иванов. Тој потсети дека последниот документ врз кој Трајковски го стави својот потпис беше апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија.

Претседавачот на босанското претседателство Желко Комшиќ рече дека покојниот претседател Борис Трајковски беше пријател на БиХ, дипломат и државник.

„Болката што неговото семејство ја чувствува веќе десет години, за жал неможеме да понудиме утеха, туку само сочувство во надеж дека семејството ќе дојде до вистината и ќе го добие заслужениот мир во своите души. БиХ изуби голем пријател, а целиот регион голем лидер“, изјави Комшиќ.