1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Огромна радост во Русија и Катар

Радоста во Русија и Катар по објавувањето дека ќе бидат домаќини на светските првенства во фудбал во 2018 и 2022 година, е огромна. ФИФА по третпат во историјата ги прогласи домаќините на две светски фудбалски првенства.

default

Претседателот на ФИФА Сеп Блатер соопшти кој ќе биде домаќин на првенствата во 2018 и 2022 година

Во моментот кога ФИФА ја објави одлуката Светското првенство во фудбал 2018 година да се одржи во Русија, во московското спортско кафуле „Пробка“ славјето беше воздржано. На бројните екрани во живо се пренесуваше манифестацијата од Цирих, меѓутоа гостите ја следеа само попатно. Затоа изненадувањето беше уште поголемо кога го слушнаа името на својата земја:

„Тоа е супер одлука за развојот на фудбалот во нашата земја, спортот ќе стане почист, потранспарентен. Тоа е шанса фудбалот кај нас да стане толку добар, како во Германија или Франција. Еден ден, можеби ќе бидеме исто толку добри, колку Англичаните“, вели еден од гостите во кафулето „Пробка“.

Никој веќе не беше гневен што премиерот Владимир Путин не присуствуваше лично на прогласувањето на организаторите во Цирих. Според неговите зборови, тој не сакал да влијае на одлуката на ФИФА.

„Не сметам дека имало корупција. Путин сакаше да го нагласи тоа со неговото неприсуство во Цирих“, додава рускиот навивач.

Russland WM 2018 NO FLASH

Руските фудбалски навивачи слават

Русија пред себе има голема задача

Еуфоријата беше забележлива и кај најпознатиот руски коментатор, Василиј Уткин, кој прогласувањето на организаторите на Светското првенство во фудбал го проследи пред телевизорот дома:

„Многу добро знам какво славје, каков настан е тоа. Нема многу такви манифестации во светот. Не се работи за некоја конференција на ОН, за која се интересираат малкумина, туку е навистина настан што го следи целиот свет“, нагласува Уткин.

Фудбалска Русија се радува што ја доби организацијата на турнирот во 2018 година, иако пред себе има голема задача. Поголемиот дел од стадионите треба допрва да се изградат, а кај инфраструктурата постои голема потреба од модернизација.

Katar WM 2022 FLASH Galerie

Граѓаните на Катар во славјето имаа и вувузели

Стадионите во Катар се одлични

Организаторот на Мундијалот во 2022 година, пак, нема такви грижи. Емиратот Катар е првата земја од арапскиот свет, која ја добила организацијата на најголемото фудбалско случување во светот. Стадионите се на највисоко ниво, а Германски железници го добија проектот вреден 17 милијарди евра за изградба на железничката мрежа. Генералниот секретар на Олимпискиот комитет на Катар, Шеик Соуд ал Тани истакнува:

„Катар постапуваше професионално. Уште пред две години ги тестиравме климатизерите на стадионите. Температурата беше меѓу 18 и 22 степени, а надвор 50. Со право ја добивме организацијата на турнирот.“

Не само Катар, туку и целиот арапски свет е радосен и горд на одлуката, вели еден спортски навивач од Мароко:

„Мароко не успеа, но се утешивме со Катар. Алжир, Мароко, Тунис... целиот арапски свет е среќен. Организацијата на Светското првенство во фудбал е добивка за сите нас.“

Богатата заливска држава дури вети дека по завршувањето на Мундијалот ќе ги размонтира новите стадиони и ќе им ги подари на сиромашните држави. Во Доха вчера сите се радуваа.

Автор: Штефан Лаак / Улрих Лајдхолд / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM