1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ограничен поглед - забраната за бурката пред суд

Пред три години Франција го забрани носењето бурка на јавни места. Сега законот е ставен на испит пред Европскиот суд за човекови права.

Тоа е мал закон со голем ефект. Само 0,003 проценти од француската популација е погодена од забраната за носење бурка- само околу 2.000 жени носат целосна прекривка на телото. Но, откако беше донесен законот, за тие жени секојдневието стана ужасно.

„Не ја носам бурката кога излегувам од дома. Ја ставам малку подоцна, откако ќе излезам“, вели 18-годишната Јусра, која носи никаб спротивно на волјата на нејзините родители. „Не можам да ја носам на училиште, а доколку излезам со неа, добивам глупави коментари. Ова не е живот, само стрес“.

Агендата на Саркози

Муслиманските жени кои го прекриваат целото тело во Франција се ставаат на „столбот на срамот“. Без разлика дали одат по улица, се возат во јавен превоз, одат на шопинг или ги земаат децата од училиште, тие вршат прекршок кој се казнува со парична казна од 150 евра. Според оние кои го протуркаа законот, тоа е од „корист за жената и за републиката“.

„Нема место за бурка во Франција, нема место за понижување на жената“, порача тогашниот претседател Никола Саркози во ноември 2009. за време на посетата на руралниот Ла Шапел Ан Веркор, кога одеднаш почна да говори за вредности и националниот идентитет, наместо за земјоделството и субвенциите, како што се очекуваше. Тоа беше во пресрет на регионалните избори, а претседателот се надеваше дека ќе освои гласови на десницата. Во април следната година, парламентот донесе закон со кој се забранува носењето на религиозна прекривка на телото. Жените ќе плаќаат казни, а мажите кои ги принудуваат жените да носат никаб или бурка можат да добијат затворска казна до една година и 35 илјади евра. Пратениците тогаш говореа за „еднакви права“ и „дигнитет“. Три години подоцна сликата е далеку поконфузна.

sarkozy portrait

Никола Саркози

Дискриминација и протести

До летото 2013. властите спроведоа само 500 контроли, честопати врз истите жени. Муслиманскиот мултимилионер Рашид Неказ оформи фонд од кој се плаќаат казните. Но муслиманските организации јавуваат за зголемена дискриминација над жените, од случајни минувачи на улиците кои им ги кинат облеките, до возачии во јавниот превоз кои одбиваат да ги примат во возилата, или продавачи кои одбиваат да ги услужат. Марван Мухамед, од невладина организација за борба против исламофобијата, вели дека од 2010. се случува вистинска експлозија на исламофобија во земјата. Но и другата страна реагира со радикални мерки. Полицијата во повеќе наврати е напаѓана кога се обидува да спроведе контрола. По судирите во Нант и Марсеј, судири имаше и во околината на Париз, кога врз полицијата беа фрлани камења, а запалени беа и бројни контејнери.

Во меѓувреме една млада жена одлучи да ја тужи Франција пред Европскиот суд за човекови права. Малку се знае за неа, освен дека има 23 години, и дека ја напуштила Франција поради законот и сега живее во Англија. Нејзиниот британски адвокат вели дека таа не сака да дава интервјуа. Првото рочиште по тужбата е закажано за денеска, 27 ноември, и на него ќе се расправа за Членот 8. од Европската конвенција за човекови права, која гарантира заштита на правото на приватност и семеен живот. Според претставникот на судот Патрик Титиун, „тужителот се жали дека не може да се облекува како што сака, и тоа го смета за нарушување на нејзиниот приватен живот“. Таа исто така смета дека тоа е нарушување на нејзиното право да ја практикува својата религија, но нарушување на правото на слободно собирање и забраната за дискриминација.

Прв случај во Стразбур

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte Straßburg

Судот во Стразбур

Во Стразбур за првпат се отвора еден ваков случај. „Имаше слични случаи во минатото, но тие беа формално неприфатливи“. Но без разлика на евентуалната казна, прашање е како ефект таа би имала врз Франција?

Францускиот антрополог Дуња Бузар, која ги изучува правните реакции на религиозните симболи, вели дека Франција има доволно оружја на располагање со кои може да се справи со проблемот со симболите, без притоа да ја забранува бурката. Таа стравува дека забраната за бурката само ги зголемува стереотипите кон муслиманите.

„Сето тоа почнува со објаснувањето на луѓето дека носењето бурка е муслиманска пракса. Тоа е точно она што некои секти кои го промовираат носењето бурка, сакаат да го постигнат. Ова малцинство сака да ги убеди Европејците дека бурката е дел од муслиманската вера“, вели Бузар. Но, тоа не е точно. „На овој начин политичарите ги поткрепуваат радикалните секти и им даваат поголемо значење одошто заслужуваат“, заклучува Бузар.