1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Ограбените уметнички дела во сива зона

Сензационалното откритие на над 1.400 уметнички дела во Минхен ја возбуди уметничката јавност и отвори дилема: како да се постапува со делата кои нацистите им ги одзеле на нивните сопственици? Ситуацијата е деликатна.

„Ако треба да го документирам потеклото на сите дела во нашиот музеј, би имал работа до пензија, а тоа се уште повеќе од 25 години“, вели Маркус Кенцлер со насмевка и ни покажува одделни експонати во Покраинскиот музеј за уметност и историја на културата во Олденбург во Долна Саксонија. Во овој музеј се сместени речиси 30 илјади музејски дела - меѓу нив платна, цртежи и графики, но и мебел.

Од доаѓањето на функцијата пред двеипол години, Кенцлер идентификувал четири експонати како т.н. ограбена уметност. Така се нарекуваат уметничките дела кои нацистите илегално им ги украле на првичните правни сопственици, на пример еврејски колекционери.

„За две дела се‘ уште се во тек преговори со семејствата на изворните сопственици, за две јас се‘уште истражувам дали постојат наследници на поранешните сопственици“, вели експертот. На овој начин станува јасно колку време е потребно за докажувањето на потеклото на делата.

Темелноста пред брзината

Актуелната дебата за огромната збирка на уметничкиот трговец Хилдебранд Гурлит, која беше откриена во станот на неговиот син Корнелиус во Минхен, е премногу сензационалистичка, критикува Маркус Кенцлер. Повиците „сега брзо“ да биде проверено дали меѓу повеќе од 1400 дела се наоѓаат и украдени, едноставно не се сериозни, зашто истражувањето бара време, вели научникот. Кон тоа се надоврзуваат недоволните персонални и финансиски можности: за повеќе од 6300 музеи во Германија постојат само околу 60 истражувачи на потеклото како него. За истражувањето на потеклото во културата во Германија годишно се одделуваат околу два милиона евра.

Marcus Kenzler Niedersächsische Landesmuseen Oldenburg

Маркус Кенцлер

Ханес Хартунг, адвокат од Минхен, чија специјалност е уметноста, темата ја гледа од правен аспект, при што исто така поставува дилема: „Имаме сосем недоволна правна основа во однос на ограбената уметност“.

Германското право е „право за убави прилики“, напишано за правни и економски прашања, но не и за настани како холокаустот, вели тој за Дојче веле.

„Мора да се најдат прописи околу застарување на делата, кои ќе овозможат водење постапки пред државните судови во врска со ограбената уметност“, гласи неговото барање.

Ни во меѓународни рамки не постојат обврзувачки законски прописи. Навистина, по Втората светска војна законите на сојузниците (1947) и на Сојузна Република Германија (1957) го регулираа враќањето, но овие закони во Германската Демократска Република немаа никаква важност.

Во 1998. година се одржа средба на 44 држави, меѓу кои и Германија, во Вашингтон на т.н. Конференција за вредносен имот од времето на холокаустот. Учесниците се договорија на „необврзувачки основи“ околу односот кон ограбената уметност, а државите требало да дејствуваат во рамките на нивните сопствени правни норми. Затоа не чуди што досега нема напредоци вредни да се споменат во врска со реституцијата кај ограбени уметнички дела.

Hannes Hartung

Ханес Хартунг

Ограбена или „дегенерична“ уметност

Мора многу темелно да се провери дали пронајдените уметнички дела се всушност т.н. ограбена уметност, вели Хартунг, кој докторирал на оваа тема. За секоја одделна слика треба доказ дека се работи за неправедно одземено дело. Тоа важи и за околу 1400 дела од збирката на Гурлит.

Но, сосема поинаква е правната ситуација ако се работи за уметноста која нацистите ја означувале за „дегенерична“ и затоа ја конфискувале, иако можеби тоа не им одговара на засегнатите, најчесто еврејски сопственици или нивните наследици, вели адвокатот Хартунг:

„Во таков случај самата нацистичка држава се ограбувала себе си. Мотото било, тоа не е вистинска уметност, затоа делата и од сопствените јавни институции биле одземани и често продавани или заменувани“.

И Маркус Кенцлер од Покраинскиот музеј во Олденбург за правната основа за оваа тема дава оценка - проблематична. Само од неговата институција во 1937. година националсоцијалистите над сто дела прогласиле за дегенерични и ги отстраниле. Документите сведочат дека десетици од нив своевремено поминале низ рацете на Хилдебранд Гурлит. Дали тие се наоѓаат во сега пронајдената збирка, не е познато.

Како и да е, најголем проблем за Кенцлер и неговите колеги е што ним законот не им овозможува никакви дејства на спротиставување.

„Во времето ова конфискување се вршело врз основа на тогаш важечкото право. Тоа не е ревидирано ни по 1945. година“.

Gemälde Berliner Straßenszene von Ernst Ludwig Kirchner - Ausschnitt

„Берлинска улична сцена“, дело од 1913. година

Дијалог наместо пребрзан суд

Постојат одделни примери на обострана спогодба меѓу поранешните сопственици и државата, вели адвокатот Хартунг, специјализиран за областа на уметноста. Тој потсетува на преговорите околу сликата „Берлинска улична сцена“ од Ернст-Лудвиг Кирхнер. За неа наследниците на поранешниот сопственик, еден еврејски уметнички колекционер, учествувале во добивката од нејзината аукција. Сликата која беше на наддавање кај аукциската куќа Кристи во Њујорк беше продадена за 30 милиони евра. Иако, во овој и многу други следни случаи беа водени делумно долги и болни сусдски процеси, истакнува Хартунг.

Негова оценка е дека односот на медиумите и стрчната јавност кон многу критикуваниот син на уметничкиот трговец Корнелиус Гурлит е несоодветен.

Неправилно е што него предвреме го осудуваат како криминалец, наместо да се води дијалог и обид за спогодување. А Гурлит порано се покажал како партнер подготвен на преговори, така во случајот со сликата „Скротувач на лавови“ од Макс Бекман многу брзо се спогоди со наследниците на трговецот со уметнички дела Алфред Флехтхајм и им овозможи учество во продажбата. Но, тогаш кон него се постапуваше „адекватно“, истакнува Хартунг.

Дотолку е поважно да се научат лекциите од актуелниот случај, смета експертот за уметност: „Дека нам ни е потребна законска регулатива која ќе овозможи транспарентен процес на враќање не само на база на добра волја, туку врз основа на право и праведност. А нашата лекција е и дека треба да се чуваме од прејудицирање“.