1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Огледало на состојбите

Барањето за забрана на исламско-конзервативната владеачка партија во Турција, АКП ги отсликува проблемите што постојат во таа земја - огорченост во старите слоеви на моќ и пропустите на премиерот.

default

Членовите на уставниот суд во Турција

Кога Кемал Ататурк, од стечајната маса на Османлиското царство ја основаше Турција, тој се ориентираше според западен урнек. Религијата треба да го губи влијанието и новата држава треба да биде лаицистичка. Но, она што го карактеризираше полуостровот над 600 години, не можеше да се избрише одеднаш. Се‘ што е религиозно е префрлено во приватната сфера и политичките приврзаници и наследници на Ататурк, т.н. кемалисти, ја прогласија Турција за секуларна, но исламските вредности и натаму останаа. Освен тоа, новата република не беше навистина лаицистичка, зашто религијата не беше одделена од државата, туку беше од нејзина страна контролирана.

Кога во 2002 година Ердоан беше избран за првпат, тоа беше двојно препознатлив знак за промени во земјата. Избирачите ја казнија елитата која беше на власт, зашто таа повеќе се грижеше за сопствениот интегритет отколку за добробит на народот. Покрај тоа, стана јасно дека религијата добива на вредност повторно и во јавноста, зашто новиот премиер, за разлика од многу негови претходници, е осведочен муслиман.

Со ваквата замена на парадигми во Турција, кемалистите до ден денес не можат да се помират. Тоа стана видливо уште минатата пролет. Кога партискиот пријател на Ердоан, Абдула Ѓул, беше избран за претседател, армијата се закани дека ќе се вмеша и притоа имаше поддршка од кемалистичката ЦХП. Кризата заврши со нови избори, од кои исламско-конзервативната АКП излезе значително зајакната, а Ѓул можеше да биде избран за претседател. Сето тоа остави длабока огорченост кај старата елита на моќ, од што произлезе барањето за забрана на АКП поднесено од државниот обвинител кемалист, што инаку претставува правен пуч.

Но, колку и барањето да е гротескно за една демократска држава, Ердоан делумно самиот предизвика контраветер. Зашто наместо, како што посакуваа многумина, да продолжи со реформите во земјата, значи да го укине параграфот 301 кој предвидува казна доколку се навредува турската нација и култура, да ги зајакне правата на малцинствата и конечно да го отвори патот за нов устав, премиерот се закопа во идеолошки агол и ја укина забраната за носење шамии на факултетите. Со тоа ги иритираше своите секуларни избирачи и на противниците им отвори можност за нови напади. Сега тие можат да тврдат дека Ердоан во срцето сепак е религиозен борец.

Тажното во сето тоа, сепак, е нешто друго. Политичкото милје на Турција е исушено. Единствената стабилна партија е исламско-конзервативната АКП, зашто некогаш социјалдемократската ЦХП станува се понационалистичка. И, вистински демократски напредни формации на повидок нема. Значи, доколку АКП навистина биде забранета, на Босфорот ќе останат парченца од политички скршеници, а земајта која е пат кон ЕУ, ќе биде уназадена.