1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Ова е земја на сите нас, а не на неонацистите“

Татко и’ Мехмед Кубашик во 2006 беше осма жртва на неонацистичкиот терор во Германија, за кој се дозна дури во 2011. Пред судскиот процес против злосторничката група, ќерката Гамзе зборува за страдањата и надежите.

Поминаа седум години од денот кога Гамзе Кубашик во Дортмунд се упати кон киоскот продавницата на својот татко. На патот ја запре полиција: нејзиниот татко е убиен. Тој беше осма жртва на организацијата Националсоцијалистичко подземје (НСУ).

Gamze Kubasik Tochter des NSU Mordopfers Mehmet Kubasik

Мехмед Кубашик со ќерката Гамзе и двајцата синови

Но, дури во ноември 2011 година беше објавено дека убиството на нејзиниот татко е злосторство на оваа група, откако беа пронајдени двете лица за кои сега се смета дека го извршиле убиство и кога беше објавено видеото на неонацистичката организација самонаречена Националсоцијалистичко подземје со фотографии од  жртвите.

Како и секое попладне Гамзе Кубашик на 4. април 2006. сакала да го замени својот татко Мехмед во продавницата. Но, пристапот кон продавницата бил затворен и полицијата не и’ дозволила на мехмедовата ќерка да помине. Полицијата и’ кажала дека нејзиниот татко е повреден.

„Ми пријде еден постар полицаец и ништо не ми зборуваше. Го гледав. Имаше црвени очи. И, тогаш кажа: Фрау Кубашик, вашиот татко е убиен“.

Германија беше негова татковина

Гамзе трепереше. И’ беше лошо. Првата мисла која веднаш и’ поминала во главата била: „Кој би можел да биде?“, бидејќи немало лица со кои нејзиниот татко имал какви било проблеми.

„Беше полн со хумор и заедно многу се смеевме. Со сите добро се разбираше и кога понекогаш шетав низ градот со татко ми, имав чувство дека го познава цел Дортмунд“.

Една и пол деценија Мехмед Кубашик живееше во Дортмунд. Беше турско-курдски алевит, и како припадник на тоа религиозно малцинство кон крајот на осумдесетите не се чувствувал безбедно во југоисточна Анадолија. Поднел барање за добивање азил во Германија и му бил одобрен статус на бегалец. Во 2003 година членовите од семејството Кубашик добиле германски пасоши.

„Германија за мојот татко беше нешто посебно. Тој во неа гледаше своја татковина. Беше задоволен, бидејќи таа земја му одговараше. Демократска токму како и татко ми. И поради таа причина побегнал своевремено со мајка ми тука во Германија, за да може тука слободно да живее“, објаснува неговата ќерка.

Gamze Kubasik Tochter des NSU Mordopfers Mehmet Kubasik

Гамзе Кубашик

Гамзе сака да и’ погледне во очи на Беате Чепе

На тој 4.4.2006 година убиецот морал помеѓу 12 и 13 часот да влезе во продавницата на Мехмед Кубашик. Двата куршума испукани од пиштолот, со кој се убиени уште седум други лица, го погодиле Мехмед во главата. Паднал. Кога го нашле веќе никој не можел да му помогне. Полицијата подоцна шест часа одделно ги испрашувала Гамзе и нејзината мајка - дали нејзиниот татко продавал дрога и имал контакт со мафијата или, пак, со забранетата Курдска работничка партија - ПКК.

Процесот против припадничката на НСУ и осомничена соучесничка во убиствата на најмалку 10 лица, Беате Чепе, започнува утре (6 мај 2013) во Минхен. Гамзе Кубашик притоа сака да и’ погледе во очи на Чепе. Таа сака и понатаму да живее во Германија и да се бори против десничарското насилство.

„Германија е моја татковина. И покрај се’, се чувствувам добро во мојот град Дортмунд и не сакам да одам никаде. Тука и понатаму ќе се борам. Тоа е мојата земја и јас сум Германка и поради тоа сум среќна. Таа земја ни припаѓа на сите нас, а не на нацистите“, вели Гамзе.