1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОБСЕ ќе разговара со албанската влада за барањата на Македонците

Положбата и правата на Македонците во Албанија, со посебен акцент на образованието и пописот, биле главни теми на средбата во Корча на претставници на партијата Македонска алијанса за европска интеграција и на ОБСЕ.

default

„Преставниците на ОБСЕ ги запознавме со Декларацијата што ја донесе Советот на општина Пустец, со која се протестира против одлуката на Уставниот суд на Република Албанија за бришење на терминот националност, а во која стои и барањето до албанската држава да ја исправи оваа грешка и да ја врати националноста во регистрите од матичната служба, како и официјално да ги признае Македонците кои живеат во областите Гора и Голо Брдо, како и во многу градови на Албанија“, изјави Васил Стерјовски од МАЕИ по средбата во Корча, одржана со претставници на мисијата на ОБСЕ во Албанија. Делегацијата ја предводел Милан Бидо, шеф на Канцеларијата на ОБСЕ во Ѓирокастро.

На средбата станало збор и за лошите временски услови во Албанија, посебно за регионите каде што живеат Македонците, Гора и Голо Брдо, кои еден месец се завеани под снег, со блокирани патишта, без струја, проблеми во снабдување со храна и недоволна здравствена заштита.

„Побаравме од преставниците на ОБСЕ да контактираат со албанската влада, за таа во договор со македонската влада привремено, десетина дена, да дозволат да се пушти во употреба граничниот премин Џепчиште-Требиште, кај Дебар, за да можат Македонците од Голо Брдо да одат да се лекуваат во Дебар и да купат храна. Патиштата во Голо Брдо цел месец не се исчистени, а Дебар им е најблиску“, додава Стерјовски.

Според него, претставниците на ОБСЕ ветиле дека ќе контактираат со албанската влада за сите наметнати прашања, посебно дека тоа под итнo ќе го направеле за барањето за преминот Џепиште-Требиште.

Поради неможноста да стигнат до најблискиот град, Булќиза, каде има регионална болница, деновиве дванаесетгодишно девојче, од селото Ладимерица, област Голо Брдо, во тешка здравствена состојба беше донесено во Општата болница во Дебар, поради близината. Според нејзиниот чичко Мустафа Манај болното девојче го носеле во ќебе, а снегот висок и над метар, момчиња од селото го цепеле со лопати. Ова не е првпат дебарските медицинари да спасат живот на жители од оваа област, како и од другите погранични села, кои ургентните случаи, поради близината, ги носат во болницата во Дебар.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Александра Трајковска