1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Обрван ќе ги води ракометарите

Нов селектор на македонската ракометна репрезентација е Ивица Обрван. Хрватскиот стратег го наследи Звонко Шундовски, за кого има пофални зборови. Договорот на Обрван ќе се продолжи зависно од успехот во квалификациите.

Ивица Обрван, според договорот, ќе ја предводи репрезентацијата до завршувањето на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2014 година во Данска. Доколку успешно ги заврши квалификациите, тогаш, според клаузулата во договорот ќе ја предводи репрезентацијата и на Европското првенство во Данска.

Новиот селектор на денешната (15.03) прес-конференција рече дека добро го познава македонскиот ракомет, дека ќе смета на сите играчи за кои ќе оцени дека и‘ се неопходни на репрезентацијата и дека на мечот со Шпанија ќе се обиде со своите избраници да забележи победа.

„Ги познавам играчите и состојбите во македонскиот клупски и репрезентативен ракомет, минатата година го предводев Загреб и имав многу натпревари против Металург и Вардар. Во три три дена колку што ќе имаме на располагање пред мечот со Шпанија не можат драстично да се променат работите. Ќе настојувам да го задржам она најдоброто и ќе се обидеме ја хомогенизираме екипата. Првиот натпревар со Шпанија ќе се обидеме да го одиграме на високо ниво, тие се светски шампиони, но ние ќе се обидеме да играме најдобро што можеме и ќе се обидеме да ги изненадиме и да забележиме победа, доколку тоа е можно. Она што поранешниот селектор го направи во изминатите години е за секоја пофалба“, рече Обрван.

46-годишниот стратег, најави дека репрезентацијата ќе ја води од Скопје, ќе настојува да биде присутен на тренинзите на двата македонски најдобри клуба Металург и Вардар, а исто така рече и дека меѓу домашните стручњаци ќе ги бара своите помошници.

„Во овој момент за стручен штаб каков што јас го замислувам нема време. Поради тоа ќе ги искористам домашните сили, тука има квалитетни луѓе за следните четири натпревари. Значи соработниците ќе ги одредам следната недела. Исто така, во неделата која е пред нас ќе објавам списокот на играчи кои ќе конкурираат за двомечот со Шпанија“, изјави Обрван.

Новиот селектор дебито на клупата на репрезентацијата ќе го има во дуелот со актуелниот светски првак Шпанија. Македонија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство во Данска, на 3.април, во Скопје ќе ја пречека Шпанија.