1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Обнова на манастир со помош на Албанците

По 10 години православните христијански обичаи се возобновуваат во манастирот „Свети Георгиј“ во Мала Речица, уништен во пожар за време на конфликтот во 2001 година. Локалните Албанци учествуваат во обновата.

default

Повторна изградба со заеднички сили на населението

Комплексот на манастирот „Свети Георгиј великомаченик Победоносец“ во тетовска Мала Речица започна да се возобновува од пред неколку месеци, по неговиот палеж во декември 2001 година. Манастирот претставува споменик на културата од 13 век, изграден врз темели на црква од 6 век. Во изминатите години имаше разни отпори и несогласувања меѓу 12-илјадната доминантна албанска популација во Мала Речица да се возобнови манастирот. Сега е создадена нова атмосфера, во која подготовките и стартот за изградбата беа многу побрзи.

Албанци понудиле помош за обнова на манастирот

Членовите на Иницијативниот одбор за изградба на тој верски објект Никола Јовановски, Будимир Апостолски и Мирче Кузмановски, граѓани на Тетово, истакнуваат:

Mazedonien Kirchenbau Initiativkomitee

Иницијативниот одбор за обнова на „Свети Георгиј“

„Значително ни помага и локалното албанско население: и тоа е заинтересирано тој манастирски комплекс да се обнови и да се доведе во состојбата во која се наоѓаше пред палењето во 2001 година“.

„Задоволство беше да се чуе кога добивавме поддршка и од немакедонското население таму. Тој момент не‘ охрабри и, сумирајќи ги тие чувства и целокупната поддршка од луѓето, ние добивме сила за да започнеме вака итно да градиме“;

„Многу во тоа ни помогнаа муфтијата со целото Муфтиство на Исламската верска заедница за тетовскиот регион: тие ги повикаа оџите од двете џамии во Мала и Голема Речица и им рекоа да го запознаат населението дека ние таму ќе го обновуваме манастирскиот комплекс. Ние беше гарантирано дека нема да има проблеми“.

„Луѓето очекуваат со нетрпение црквата да биде изградена и да се продолжи традицијата за прославување на сите натамошни празници ‘Свети Ѓорѓи’ во Мала Речица."

„Создадена е нова свест за потребата за подобро меѓуетничко и меѓуверско разбирање“

Како дојде до пресврт во расположбата на локалните Албанци? Сервет Цека, претседател на Месната заедница во Мала Речица, и Алајдин Хавзиу, тамошен жител велат: „Времето донесе нова свест за потребата за подобро меѓуетничко и меѓуверско разбирање, но заемно“, нагласуваат тие двајцата и истакнуваат:

Mazedonien Servet Ceka

Сервет Цека, претседател на Месната заедница во Мала Речица

„Ние, Албанците сме им пружале рака на сите националности, кои живеат во Тетово, но и во цела Македонија“;

„Албанците се народ на три вери, за нас воопшто не претставува проблем возобновувањето на таа црква. Македонците доаѓаа и порано на верските обреди во манастирот во Мала Речица и не постоел никогаш проблем околу тоа, па не гледам и сега зошто би имало проблем во врска со тоа“.

„Албанците не биле никогаш против ‘божјите куќи’, а тоа истото важи и за црквата во Мала Речица, која била порано албанска црква. Сега нема никој ништо против тоа што таа ќе се изгради повторно, бидејќи, можеби, и Албанци од таа вера ќе дојдат во неа на молитви. Но, ние се залагаме и за реципрочно меѓуверско разбирање: штом Македонците сакаат да градат ‘божја куќа’ во Мала Речица, која велат дека е нивна, тогаш треба да им се овозможи и на муслиманите во Прилеп да си ја изградат џамијата."

Од споменатиот Иницијативен одбор очекуваат црквата и камбанаријата да бидат изградени годинава до патрониот празник – „Свети Ѓорѓи“, кога тие ќе треба да бидат осветени и да им бидат предадени на употреба на верниците. „Свети Георгиј“ во оваа тетовска приградска населба е несомнено нов пример за значајно релаксирање но не само на меѓуетничките, туку и на меѓуверските односи во овој дел на Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски