1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Обновата на истокот на Германија не носи очекуван ефект

За конјуктурната слабост на Германија, две третини одговорност има обновата на Источна Германија, изјави поранешниот градоначалник на Хамбург, Клаус фон Доњани, и со тоа повторно ја отвори “Пандорината кутија“ по прашањето што е особено чувствително за Германците – прелевањето на милијарди евра на истокот на земјата, кои не го носат очекуваниот ефект.

Насока - Источна Германија

Насока - Источна Германија

Очекуваниот економски пораст на истокот изостанува, а на запад се повеќе се крати на јавните услужни дејности. Во рамки на владата сега се дискутира за нови начини за т.н. “Обнова исток”, кон кои се вбројуваат и радикални предлози за даночни и други поедноставувања за економијата на исток на земјата.

”Обновата исток” треба да излезе од ќорсокак преку нов концепт. Генеалниот секретар на СПД, Клаус Уве Бенетер потврди дека истокот останува прашање на канцеларот Герхард Шредер. Владата и новите покраини имаат намера во рамки на работна група до есен да донесат решенија дали во иднина треба да бидат поттикнувани определени региони, наместо, како што се вели, со парите да се полева насекаде.

”На исток имаме добри истражувачки центри кои мораме да ги поврземе со соодветни економски центри за да добиеме ефект. Значи, подалеку од принципот на полевање насекаде, како што беше досега, а насочување кон вакви мрежи на економијата и науката.”

Магазинот ”Шпигел”, во соето најново издание цитира изјави на едно тело за советување на министерто Манфред Штолпе, надлежен за обнова на истокот. Според нив, милијардерските износи за истокот се повеќе го распрачуваат западот. Во многу градови на запад пропаѓа инфраструктурата, зашто за нејзе се нема пари. Годишниот трансфер од 4% од германскиот бруто домашен производ за источна Германија предизвикува и големи слабости во економијата. Затоа советничката група бара радикален пресврт во поттикнувањето на истокот. Портпарол на Штолпе потрди дека експертите работат по налог на владата:

”Во оваа група има тези, но нема определен договорен документ. Сето се дискутира во рамки на работна група и потоа ќе се вреднува.”

Кон предлозите на експертите се врбојуваат специјални правила во делот на работните, градежните и еколошките закони, потоа даночни поволности и удел на државата во придонесите на платите во т.н сектор на ниски примања. Премиерот на Саксонија Анхалт, Волфганг Бемер, бара:

"Потребна ни е полабава правна рамка во делот на трудово право, но и во делот на договорите и другите сфери, за да ја направиме економијата подинамична. Ние сме заѕидани во законски рамки кои старите покраини си ги зацртале во средината на 70-тите години. Сите искусни административци уште пред 10 години ни рекоа дека економијата на тој начин не може да се обнови брзо. "

Шефот на зелените во Берлин, Рајнхард Битикофер, се спротивстави на предлогот на исток да биде создадена една т.н. специјална економска зона со ниски даноци и законска дерегулација.

”Тоа би било можеби посоодветно да се тематизира пред 14 години, кога земјата се обединуваше. Денеска тоа не е соодветно на барањата на Европа и прашање е дали е воопшто применливо во Германија, а и што се однесува до ефектите е исто така многу проблематично.”

Битикофер не смета дека трансферите од милијарди евра за истокот се одговорни за падот на западот. Многу повеќе, за тоа, според него, се одговорни неуспешните структурни реформи.