1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обид за киднапирање на бугарскиот амбасадор во Јемен

Бугарскиот амбасадор во Јемен е полесно повреден, откако маскирани вооружени лица вчера отвориле оган врз неговиот автомобил во главниот град Сана и се обиделе да го киднапираат.

За време на нападот бугарскиот амбасадор Борис Борисов бил со сопругата и го управувал автомобилот. Четворицата напаѓачи најпрво пукале во воздух, ја скршиле шофершајбната, а потоа се обиделе да го извлечат амбасадорот надвор од возилото, но бугарскиот дипломат пружил отпор и продолжил да вози, по што напаѓачите отвориле оган врз автомобилот. Дипломатот е повреден во делот на окото од скршено стакло.

Jemen Gefecht

Закани за терористички напади добиле речиси сите амбасади

Дипломатот и сопругата успеале да се спасат откако избегале во блискиот трговски центар. Силите за безбедност веднаш пристигнале на местото на инцидентот. Бугарскиот дипломат не бил придружуван од телохранители.

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов ја потврди информацијата дека амбасадорот Борисов избегнал киднапирање, но дека е повреден. Од министерството информираат дека амбасадорот запрел со возилото, откако пикап возило му се испречило на патот.

„Шокиран сум и огорчен од обидот за киднапирање на бугарскиот амбасадор Борис Борисов во Сана. Тие на сила се обидувале да го извлечат Борисов од автомобилот, удирајќи го во лице и по рацете. Друг од напаѓачите влегол од десната страна на возилото и му се заканувал со нож на амбасадорот Борисов“, изјави министерот Младенов. Тој дополнува дека амбасадорот ги предупредил киднаперите дека напаѓаат дипломатско лице.

Борисов ќе се врати во Софија наскоро поради лечење, а амбасадата во Сана ќе биде затворена во следните неколку дена. Министерот за надворешни работи Младенов не ги знае причините кои стојат зад обидот за киднапирање.

Jemen Antiregierungsproteste in Sanaa

Антивладини протести одржани во Сана, главниот град на Јемен, во март годинава

Во Јемен вчера беше затворена и амбасадата на Оман. Дипломат од оваа земја информира дека освен затворањето на мисијата, е повлечен и персоналот од Сана.

„Амбасадата на Оман е затворена во саботата и дипломатите во Сана го напуштија Јемен, откако добија терористички закани“, изјави неименуваниот омански дипломат. Тој додаде дека најголем дел од дипломатските мисии во Сана веќе добиле закани, вклучувајќи ги и амбасадите од земјите од Заливот, како и оние од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Тие земји одиграа главна улога во убедувањето на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех да ја предаде власта што ја држеше во свои раце речиси три децении. Договорот поддржан од ОН го потпиша минатата година.