1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обид да им се затне устата на пратениците

ЦДУ, СПД и ФДП иницираат промена на деловникот на Бундестагот, за да се ограничи можноста во дебатата да добијат збор пратеници со мислење кое не се совпаѓа со ставот на нивната фракција.

„Раководствата на фракциите тврдат дека за нив била битна функционалноста на парламентот. Тоа обелоденува едно необично сфаќање на функцијата. Не се ’пречки во погонот‘ кога пратениците образложуваат дека имаат различно мислење од мнозинството во нивната фракција. Тоа никој не го прави од задоволство; тоа бара граѓанска храброст. За такво нешто треба да им се додаде признание, а не да се третира како непочитување на деловникот“, коментира „Зиддојче цајтунг“, весник од Минхен, кој прв ја пласира во јавноста идејата на фракциите на ЦДУ, ФДП и СПД за промена на деловникот на Бундестагот.

„Тагесшпигел“ од Берлин потсетува: „Плурализмот (на мислењата, н.з.) е уставноправна обврска. Правото на говор (во парламентот, н.з.) за оние што мислат поинаку порано го избори пред Уставниот суд еден пратеник што беше исклучен од фракцијата на Зелените“.

Обидите на челниците на ЦДУ, СПД и ФДП да се смири јавноста „наведуваат на заклучок дека тие се чувствуваат како фатени на дело“, оценува „Вестфален-блат“ од Билефелд и им префрлува за лицемерие. „Сепак станува збор за тоа, парламентарците, кои не сакаат слепо да се согласуваат со мнозинството, да бидат обработени уште во предигра. А потоа партиските водачи се чудат дека Пиратите доживуваат подем“.

„Бундестагот е најважен форум на нацијата. Колку вреди некоја дебата, во која мислењето на поединечните пратеници мора да се повлече пред мислењето на нивната фракција?“, прашува „Вестфаленпост“ од Хаген. За овој весник иницијативата на ЦДУ, СПД и ФДП е „погрешен сигнал. Кој, во време на се’ поголема разочараност од политиката и се’ помало прифаќање на политичките процеси, му го отежнува на претседателот на Бундестагот дозволувањето изнесување малцински мислења, го поттикнува сомнежот во однос на политичките решенија. Колку е тоа силно изразено, токму се покажува со приливот што го доживуваат Пиратите“.

„Пратеникот е слободен човек - барем теориски“, констатира „Бадише ноесте нахрихтен“ и образложува: „Во практиката, меѓутоа, премногу често други одредуваат за што треба тој да се грижи, и како да гласа. Во политиката им е тешка положбата на оние со непокорен карактер, кои си дозволуваат да имаат сопствено мислење и повремено ја игнорираат принудата од фракцијата. Во најповолен случај нив ги исмеваат како ноторни аутсајдери. Во најнеповолен, на наредните избори ќе бидат протерани од изгледните места на партиските листи“.

„Предавство! одекнува од куп пратеници во Бундестагот. Збогум, слободо на совеста! Ако мнозинството обични парламентарци безгласно се приклонуваат, можат веднаш да си одат дома“, коментира „Фолксштиме“ од Магдебург. „Слободата на совеста премногу често се турка во заднината. Така погледнато, трите раководства на фракциите само сакаат да го пропишат она, што во Бундестагот ионака е секојдневие“.

„Швебише цајтунг“ од Лојткирх советува: „Во време во кое паролата гласи поголема транспарентност во политиката, не смее да се даде ни трошка сомнеж дека треба да биде ограничено правото на говор во Бундестагот за неудобни ставови“.

„Кој сака да им ја затне устата на пратениците, го обезвреднува парламентот и му наштетува на угледот на нашето демократско општество“, оценува „Нордвест-цајтунг“ од Олденбург.

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse

„Саарбрикер цајтунг“ им препорачува на пратениците да гласаат против предлогот за измена на деловникот и аргументира: „Различните мислења спаѓаат во сржта на демократијата, во нив се огледува разновидноста на мислењата на граѓаните. Тие истовремено се израз на функционална демократска култура на спорење. Би било гротескно да му се стави резе на тој дар на слободата“.

За „Тирингер алгемајне“ од Ерфурт „затнување уста во Бундестагот, единствениот директно од народот избран уставен орган, би му дошло исто како забрана за говор за граѓаните (...), оти така на граѓаните им се овозможува учество во вистинска демократија и по изборот на нивните народни претставници“.

„Меркише Одерцајтунг“ потсетува дека „зборот парламент потекнува од францускиот израз ’parlement‘, кој значи разговор, расправа, преговори“.

„Ное Рур/Ное Рајн цајтунг“ вели: „НЕ за правилото за затнување уста - тоа веројатно би била бламажа за Унијата, ФДП и СПД, но и величествена определба за демократија што живее“.

„Ное оснабрикер цајтунг“ укажува: „Ако дојде до промена, сигурно е дека ќе има тужби од пратеници до Уставниот суд. Фракциите на Унијата, СПД и ФДП би требало да се поштедат од тоа и себеси, како и даночните обврзници“.