1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Обединети за Македонија“ - нова партија во Македонија

Денеска (29.05.09) во Скопје се одржува основачко собрание на новата партија „Обединети за Македонија“. Нејзин основач и иден лидер е Љубе Бошкоски. Какво значење ќе има оваа партија на политичката сцена во Македонија?

default

Љубе Бошкоски

„Обединети за Македонија“ ќе биде новата партија со деснохристијанска платформа во Македонија што ќе се формира на иницијатива на Љубе Бошкоски, поранешен министер за внатрешни работи во владата на Љупчо Георгиевски. Тој е еден од познатите политичари на ВМРО-ДПМНЕ за време на воениот конфликт 2001 година.

Бошкоски и Груевски не најдоа заеднички јазик

Кога пред една година се врати во Скопје од Шевенинген, ослободен од обвинение од Хашкиот суд за воени злодела, „брат Љубе“ на аеродромот го дочека лично премиерот Никола Груевски. Не помина долг период и двајцата не најдоа заеднички јазик за соработка во рамките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На претседателските избори, Љубе Бошкоски, настапи како единствен независен кандидат, промовирајќи се и како критичар на власта и Никола Груевски. „Јас отсекогаш сум бил поборник за влезот на Македонија во НАТО и во Европската унија. Времето на националниот романтизам ние го живеевме во 90-те години, кога некои политичари си играа во песокта, мислам од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. И сега одеднаш кај нив се појави желбата за романтизам“, рече Бошкоски.

Wahlen in Mazedonien die drei Präsidentschaftskandidaten Ivanov, Boskovski und Frckoski

Бошкоски на претседателските избори 2009 настапи како независен кандидат

Бошкоски се застапуваше за идејата за НАТО и Европската унија, по цена на поитно решавање на спорот со Грција. Со освоените 150 илјади гласови на претседателските избори, Љубе Бошкоски почна со сондажа да ја формира и својата партија „Обединети за Македонија“, чие основачко собрание е вечерва (29.05.09) во Скопје. Многумина оценуваат дека Бошкоски ќе го нападне избирачкото тело токму на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали ќе успее Љубе да префрли одреден број на гласови, бидејќи знаеме дека избирачкото тело на Љубе Бошкоски е прилично десничарски ориентирано и прашање е како Љубе ќе успее да ги префрли гласовите на едната или на другата страна“, проценува Гордан Георгиев, аналитичар од Форум-центарот.

ВМРО-ДПМНЕ без коментар

И додека во владејачката партија има молк околу промоцијата на Бошкоски, во ВМРО-Народна велат дека тој би ги загрозил и нивните интереси. Сепак, Марјан Додовски, наследник на Љупчо Георгиевски, како в.д. лидер на Народна вели: „Ако говориме дека вмровското гласачко тело имало коефициент 300 илјади, а ВМРО-Народна партија да кажеме 80 до 100 илјади гласови, кај Љубе Бошкоски не верувам повеќе од 20 до 30 илјади гласови, а другото би било некаде во ВМРО-ДПМНЕ“, вели Додовески.

Присуството на Љубе Бошкоски, кој се трансформира во политичар за меѓуетничка коегзистенција, може да предизвика и актуелни поместувања на партиската сцена. „Опозицијата без друго прави разлика меѓу политичката дикција и ставови на Љубе Бошкоски и Никола Груевски или Ѓорге Иванов. Може да се случи Љубе Бошкоски ако освои меѓу 100 и 150 илјади гласови, да може да земе околу 5 пратеници во парламетот од владејачката партија“, вели Никола Младенов од неделникот „Фокус“.

Во Македонија речиси пред сите избори или по организацијата на овие последните претседателски и локални избори се појавува нов политички лидер. Во Македонија, сега тоа се Љубе Бошкоски и Имер Селмани.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска