1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Обврската за дефибрилатори и ползата од нив

Апаратот за електрошокови – дефибрилатор од пред година и пол е задолжителен за фирмите и институциите во Македонија кои имаат над 100 вработени. Дилемите околу полезноста и ракувањето со дефибрилаторите се расчистуваат.

Институциите и фирмите во Македонија имаа повеќе од една година да ги набават дефибрилаторите и да завршат со законска обука на најмалку 5 лица кои во иднина со нив ќе ракуваат. Но во практиката бројот на субјектите кои го поседуваат задолжителниот дефибрилатор е далеку од оптималниот. Некои од нив тврдат дека не знаеле каде да ги набават дефибрилаторите, други се вадат дека не биле информирани кој и каде ја спроведува обуката. Државниот санитарен инспекторат излезе на терен и врши контроли. Казните се високи - од 1800 до 2200 евра за правни лица и од 500 до 800 евра за физички лица. Засега нема податоци за евентуално изречени казни за непоседување дефибрилатор и обучени лица.

Свеста за поседување дефибрилатори расте

Од Министерството за здравство за Дојче веле велат: „Согласно измените на Законот за здравствена заштита до сите државни и приватни субјекти кои имаат над 100 вработени или исто толку легла, упативме укажување задолжително да организираат здравствен пункт, да извршат набавка на дефибрилатор и да испратат лица на обука за ракување со апаратот. Досега 92 државни органи – министерства, единици на локални самоуправи, јавни претпријатија, јавни здравствени установи и образовни институции постапиле согласно укажувањето и се во постапка на обучување на немедицински лица. Укажувањето го прифатиле и 121 трговски друштва и хотели. До Министерството за здравство 47 фирми се обратиле за дополнително толкување на Законот.“ Обуките наменети за немедицински лица за ракување со дефибрилаторите се бесплатни, траат еден работен ден и ги координира Министерството за здравство, а ги спроведува Универзитетската клиника за кардиологија. Јавноста бара допрецизирање на законот кој се’ и во кои услови и со какви нагледни средства ќе се врши обуката? Би било добро да се стандардизира и какви дефибрилатори ќе се применуваат во Македонија. Така ќе се избегне манипулацијата да се набавуваат евтини апарати кои нема да се многу од полза. Во моментов, нивната набавна цена се движи од 2000 до 3000 евра по дефибрилатор.

Апаратот за електрошокови е робот – лесен за ракување

Младен Божиноски и Даниел Наумоски се тренери по прва помош во Црвен крст од Охрид. „Кај нас курсевите исклучиво ги работат обучени лекари, а ние сме демонстратори во програмата за обука со дефибрилатори,“ велат тие. Обуката на Црвен крст на Македонија е стандардизирана и трае 5 часа. Покрај за работа со дефибрилатор, лицата се обучуваат и за реанимација. „Попусто е да се користи дефибрилаторот ако поединцеот не знае да изврши правилно срцево-белодробно оживување“ смета Даниел.

Mladen Bozinovski und Daniel Naumoski

Младен Божиновски и Даниел Наумоски

Кај луѓето кои слушнале за дефибрилаторите лебдат прашањата: Во кои случаи се употребуват, може ли секој да работи со нив, кому му припаѓа одговорноста? Младен е конкретен: „Дефибрилаторот најчесто се употребува во случај на инфаркт или акутно затајување на срцето, се применува на луѓе кои веќе не дишат и срцето не им работи. Тоа може да биде и давеник, лице при сообраќајна повреда и слично. Укажувањето прва помош треба да биде навремено, безбедно, брзо и ефикасно, но во секој случај и одговорно. Дефибрилаторите се наменети токму за немедицински лица, односно за лаици и затоа е многу важно во одреден момент навремено да се реагира и одговорно да се употребат“. Често во јавноста дури и лекарите се скептични околу примената на дефибрилаторите. „Не е точно дека немедицинско лице не знае да работи со дефибрилатор. Не разговараме за обичен дефибрилатор, туку за автоматски или полуавтоматски надворешен дефибрилатор. Тоа е апарат којшто зборува и всушност е робот. Ако детектира дека има право да дефибрилира го прави тоа. Во друг случај и колку да се притиска копчето за да започнат шокови, тоа нема да се случи,“ објаснува Даниел.

Обид да се намали смртноста по срцев удар во првите мигови

Во Македонија околу 60 проценти од луѓето, според Заводот за статистика, умираат од инфаркт и заболувања на кардиоваскуларниот систем. Дефибрилаторот ќе е тој којшто ќе ги враќа во живот. Доколку биде прикачен во првата минута, веројатноста дека лицето ќе се врати во живот скока и до 90 отсто, во првите 5 минути шансите за преживување се 60 до 70 отсто. Статистиката во Велика Британија на пример вели дека 63 проценти од лицата кои доживеале срцев удар или акутно затајување на срцето во домашни услови, умираат при пренесувањето од дома до болница, дури и во брза помош, затоа што или немало или не бил правилно поставен дефибрилаторот, велат Младен и Даниел.