1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Обвинувања и сценарија за бојкот

Предизборната трка во Македонија се вжештува со шпекулациите за сценарио за бојкот на претседателските избори.

default

Изборите наближуваат, расте напнатоста

Утре завршува рокот за пријавување кандидати за претседателските избори во Македонија. Од 11 кои најавија учество, најмалку четворица нема да можат да ја поминат првата бариера, да соберат 10 илјади потписи. Една од двете жени-претседателски кандидати, професорката Слаѓана Тасева веројатно ќе отпадне. Таа обвини дека кон неа се врши опструкција од страна на владеачката партија со неправилности при обезбедувањето услови за собирање на потписите. Универзитетскиот професор Мируше Хоџа, кандидат од ДПА, успеа да ги обезбеди потребните потписи од граѓаните.

Меѓу номинираните кандидати е и првиот претседател на најстарата партија на Албанците, ПДП, Невзат Халили. Тој по 15 години апстиненција се промовира со старо-новата идеја за Илирида, автономна република или област на Албанците во Македонија. За неа во 1992 година беше организиран илегален референдум, на кој Албанците ја поддржаа идејата за Илирида. Според Халили, Илирида би значело барање Македонија да се редефинира како држава на два рамноправни и конститутивни народи: Македонците и Албанците. Оваа замисла е маргинализирана од сегашните релевантни партии на Албанците.

Гласовите на Албанците и одзивот ќе бидат важни за претседателските избори. Аналитичарот Ким Мехмети не исклучува дека е можна помасовна апстиненција на Албанците во вториот круг на трката за претседател на државата, зашто според него, кај гласачкото тело созреана е свеста дека не може да биде манипулирано од партиите.

Во македонскиот блок, ВМРО ДПМНЕ упорно ја обвинува СДСМ за сценарио за бојкот и апстиненција за да не успее завршниот круг од претседателските избори, на кои сега треба да излезат најмалку еден милион избирачи.