1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обвинувања за употреба на хемиско оружје во Сирија

Власта и бунтовниците се обвинуваат меѓусебно за употреба на хемиско оружје во Сирија.

Сириските бунтовници денеска ги отфрлија претходните обвинувања на владата на Сирија дека употребиле хемиско оружје и тврдат дека владините сили употребиле проектил од типот „Скад“ со хемиски материи, јавува Ројтерс повикувајќи се на неименуван претставник на командата на вооружената сириска опозиција.

Сириската државана агенција САНА, го коригираше првичниот извештај од 16 жртви на 25 загинати, и 86 повредени од кои потенцира дека повеќето се во критична состојба. Агенцијата го илустрира својот прилог со фотографии од болничкото згрижување на настрадани во ракетирањето, меѓу кои наведува дека има многу деца.

Претходно властите во Дамаск соопштија дека бунтовниците лансирале ракета со полнење со хемиски материи во областа Хан ал-Асали во Алепо, при што загинале 16 луѓе.

Сирискиот министер за информации Омран ал-Зауби го нарече овој чин „прв акт“ на страна на опозициската привремена влада којашто претходно денеска во турската метропола Истанбул го избра за премиер бизнисменот Ѓасан Хито.

Министерот ал-Зоуби додал дека Турција и Катар, кои ги поддржуваат бунтовниците во двегодишната борба против силите на владата на претседателот Башар ал-Асад, носат „правна, морална и политичка одговорност“, за хемискиот напад во близина на северниот град Алепо, вториот по голема град во Сирија, во кој загинале според него 16 луѓе а ранети се 86 други лица.

Сириските бунтовници во неколку наврти соопштија дека сириските владини сили употребиле тактички ракети од типот „Скад“. Вооружената опозиција, исто така, тврди дека владините сили користеле хемиско оружје, Дамаск енергично ги негираше таквите обвинувања.

Руското МНР денеска сооошти дека има информации дека сириските бунтовници го употребиле хемиското оружје од кое загинаа 16, а ранети се повеќе од 100 лица .

„Според информациите што ги добиваме од Дамаск, опозицијата утринава во провинцијата Алепо употребила хемиско оружје“, сооошти руското министерство.

Во соопштението не се наведува дали Русија информациите ги добива од сопствени извори или од функционери на сириската влада, која веќе ги обвини бунтовниците за нападот.

Руското министерство наведе дека „сериозно е загрижено заради фактот дека оружјето за масовно уништување дошло до рацете на бунтовниците, што уште повеќе ја комплицира ситуацијата во Сирија“.

САД повеќепати пак го предупредија сирискиот претседател Асад да не употребува хемиско оружје и да не дозволи тоа да падне во рацете на радикални групи.