1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Обвинителството го дозна идентитетот на „сведокот“

Професорот Љубомир Фрчковски на државниот обвинител Љупчо Шврговски му го открил идентитетот на „сведокот“, кој како што напиша во својата последна колумна, му изнел информации за атентатот врз претседателот Глигоров.

default

Проф. Љубомир Фрчковски

Ако не е чадна, тогаш бомбата што во последната колумна ја активираше професорот Љубомир Фрчковски може да фрли сосема ново светло на атентатот врз првиот претседател на современата македонска држава, Киро Глигоров. Поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски на обинителството му ги соопшти деталите за сведокот, кој укажува на директна вмешаност на македонските тајни служби во терористичкиот чин што можеше сериозно да ја дестабилизира младата држава: „Јас на обвинителот му ги дадов информациите, кои дојдоа до мене и толку. Можам да ви кажам дека не се работи за мој извор, туку за сведок, кој мислам дека може да помогне во истрагата “ - изјави Фрчкоски на излегување од зградата на обвинителството.

Шврговски: постапка ќе се поведе во зависност од доказите

Се очекува уште денеска, веднаш штом ќе биде потврден идентитет на лицето што го споменува Фрчкоски, тоа да биде повикано на сослушување. Обвинителот Љупчо Шврговски е внимателен во однос на натамошниот тек на истрагата: „Добро знаете дека ние немаме официјална истрага. Ова што се случува е во предкривична постапка, и дејствијата што се преземаат, се дел од таквата постапка, бидејќи немаме познат извршител на кривичнотот дело. Ако од исказот на сведокот произлезат сомненија, дека одредени лица се вклучени во атентатот, сигурно дека ќе ја официјализираме постапката. Меѓутоа, мислам дека е многу рано и сега не треба да прејудицираме со било какви одговори.“ - рече Шврговски.

Kiro Gligorov

И по 13 години сеуште не се знае кој го изврши атентатот врз Глигоров

Тајните служби работеле без контрола на министерот?

Експертите кои ги консултираше Дојче Веле се сомневаат во можноста тајните служни да работат без знаење на претпоставениот, односно на Фрчковски, кој во тоа време беше министер за внатрешни работи. Професорот од полициската академија Марјан Котески, за Дојче Веле, вели дека ништо не искклучува како можност. Но, тој не верува дека македонските тајни служби можат да работата без знаење на претпоставениот, односно во овој случај министерот за внатрешни работи. „Сепак министерот за внатрешни работи ја има контролата над работењето на службите, ако ја нема тогаш е негова слабост,“ вели Котески.

Во однос на сопствената одговорност во атентатот, 13 години подоцна, Фрчкоски со став: „Јас не знам како да одговорам на тоа прашање. Со тоа што се излагам на ова, јас и тогаш, но и сега најотворено ја поставувам мојата одговорност. Јас, поради тоа поднесов оставка, но проблемот не е во тоа. Проблемот е дека се работи за кривична истрага, за криминално дело и ако можеме да се помрднеме, добро е.“ Премиерот Никола Груевски, претходно, одби да ги коментира новите сознанија во врска со атентатот на Глигоров што ги обелодени Фрчкоски.

Пред десетина години беше распишана богата парична награда за оној што ќе даде информации за откривање на атентаторите, но и покрај големиот прилив на сознанија, нуту едно не ја донесе полицијата на вистинската трага.