1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обвиненија во бугарскиот скандал со прислушување

Против четворица функционери во бугарското министерство за внатрешни работи денеска беше поднесено обвинение поради незаконско прислушување на опозициски политичари.

Првиот човек на единицата за набљудување на бугарското МВР, Сергеј Кацаров и неговите двајца претходници Цветан Иванов и Камен Костов се обвинети за злоупотреба на положбата и организирање на незаконско прислушување кое започнало во 2009. година. Уште еден функционер е обвинет поради обид да ги уништи доказите за прислушувањето. Прислушувани биле опозициски политичари- ривали на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Според бугарскиот закон, прислушувањето е дозволено само во случаи на сериозен криминал и сите четворица функционери се соочуваат со затворски казни доколку бидат прогласени за виновни.

Истрагата беше отворена минатиот месец откако лидерот на опозициските социјалисти, Сергеј Станишев побара да се истражат анонимните извештаи дека се прислушуваат ривалите на Борисов. Во извештаите беше обвинет министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов дека наредил прислушување на поранешниот претседател Георги Прванов, како и на лидерите на ултра-националистите и на партијата на турското малцинство во земјата.

Меѓу прислушуваните биле и поранешниот министер за финансии Симеон Ѓанков, европската комесарка Кристалина Георгиева и познати бизнисмени.

Цветанов ги отфрли обвинувањата. Тој е и шеф на кампањата на партијата на Борисов, Герб во пресрет на парламентарните избори во земјата закажани за 12 мај.

Борисов поднесе оставка на премиерската функција на 20 февруари годинава по масовните протести против сиромаштијата и корупцијата во земјата.