1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ќе именува републиканец за министер

Американскиот претседател Барак Обама денеска ќе го именува републиканецот Чак Хејгел за нов министер за одбрана. Отпорот за именувањето доаѓа токму од републиканскиот табор.

Обама одлучи дека сака 66-годишниот поранешен републикански сенатор да го наследи Леон Панета на функцијата во Пентагон и се очекува денеска да ја соопшти одлуката. Американскиот претседател ќе го соопшти и името на новиот директор на ЦИА по оставката на генералот Дејвид Петреус, а како најсериозни кандидати се споменуваат актуелниот в.д. директор Мајкл Морел и советник за борба против тероризмот Џон Бренан.

И покрај тоа што Хејгел е републиканец неговите довчерашни колеги во Сенатот најавуваат жестоко противење на именувањето, пред се’ поради неговите ставови за Израел и Иран.

Водечкиот републиканец во Сенатот Мич МекКонел го фалеше Хејгел кога тој го напушти сенаторското место во Небраска во 2009. година поради неговиот „јасен глас и став и во однос на националната безбедност и надворешната политика. Но во вчерашниот настап на телевизијата ЕјБиСи, МекКонел рече дека Хејгел ќе добие сослушување во Сенатот „како и секој друг кандидат“.

US Senator Chuck Hagel

Чак Хејгел

Републиканскиот сенатор Линдзи Греем беше уште поостар во настапот на СиЕнЕн. Според него, Хејгел ќе биде „најнепријателски расположениот секретар за одбрана кон Израел во историјата на земјата“.

„Тој не само што смета дека треба директно да се преговара со Иран и дека санкциите нема да успеат, туку заговара и директни преговори меѓу Израел и Хамас“, рече Греем. И други републиканци најавија дека ќе се спротивстават на изборот на Хејгел поради неговите ставови кон Израел и Иран.

Чак Хејгел, одликуван ветеран од војната во Виетнам, е познат како политичар со изразено независни ставови и тенденција да говори отворено. Доколку биде потврден неговиот избор, Хејгел ќе треба да раководи со големи кратења на трошоците во одбраната, повлекување на армијата од Авганистан и евентуални нови кризи во Иран и во Сирија.

Досега ретко се случувало кандидати на претседателот на државата за водечки позиции да не бидат одобрувани од Сенатот, а Демократите на Обама притоа уживаат и мнозинство во горниот дом на парламентот.