1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ќе донесе промени, но не и брзо решение за Блискиот Исток

Израелско-палестинскиот конфликт и војните во Ирак и Авганистан се тешка хипотека за идниот претседател на САД. Барак Обама вети промени - ќе се почувствуваат ли тие и во блискосточниот конфликт? Што очекуваат во Бејрут?

default

Барак Обама

Симпатиите за САД кај Арапите и муслиманите во ерата на Џорџ Буш дојдоа речиси на нулта точка. „Се надеваме дека со Обама ќе се промени и американската политика“ - Мохамад Деб Насралах, член на Централниот комитет на движењето Амал, е претпазлив оптимист. Тој вели дека не може да биде заборавено што се случи во Либан и во Палестина, „како Израел не’ нападна со американско оружје, што прави американската војска во Ирак и Авганистан; воопшто, што се’ се случи во последните осум години во нашиот регион“. Но, Насралах нагласува: „Ние навистина се надеваме дека Обама ќе води подобра политика. Заморени сме од крвопролевања и бомби“. Иако шиитска партија Амал спаѓа во опозициониот табор, критички настроен спрема САД, таа се надева на поинаков развој со Барак Обама, оти на сите им е јасно дека без американско посредување во регионот не е можно никакво решение.

САД мора да соработуваат и со други сили за решение за Блискиот Исток

Ausschnitt George W. Bush bei Interview im Irak von Journalisten mit Schuh beworfen Schuhwurf

Неомилен во Ирак: Џорџ Буш го избегнува чевелот што ирачки новинар на прес-конференција го фрли по него

Не само Амал, туку и радикалниот Хезболах, близок сојузник на Сирија и Иран, се чини дека го очекува новиот американски претседател со повеќе надежи, отколку што е тоа вообичаено кога станува збор за таа организација. За САД и Израел Хезболах е терористичка организација. Наваф ал-Мусави, претставник за надворешни односи на Хезболах, смета дека промената во Белата куќа во Вашингтон е резултат на новата констелација на односите на силите на меѓународен план. Ако САД сакаат да бидат успешни на Блискиот Исток, мора да се потпрат врз партнерство со други држави, вели тој. „САД во иднина веќе нема да бидат единствена суперсила на меѓународната сцена, тие веќе немаат моќ за тоа поради нивните економски и политички проблеми“. Ал-Мусави укажува дека веќе за време на мандатот на Џорџ Буш се навести дека повторно има повеќе плурализам меѓу големите сили. „Можеби новиот американски претседател ќе умее подобро да се усогласи со постоечките факти“, рече Наваф ал-Мусави.

Стабилен Ирак - придонес за решение и на другите конфликти во регионот

Многу Арапи одгледуваат надежи дека поради потеклото - таткото на Обама е од Кенија, а самиот Барак во младоста живеел во Индонезија - тој би можел да има повеќе разбирање за другите култури и за политичките проблеми, отколку неговиот претходник Буш. Најавената готовност за дијалог со Иран остава надеж дека Обама не планира војна против таа земја, смета Каир ел-дин Хасеб, раководител на „Центарот за студии на арапското единство“ во Бејрут, најважниот независен арапски тинк-тенк центар. Хасеб е уверен дека ќе дојде до промена во американската политика и оти во рок од 16 месеци ќе бидат повлечени американскиот војници од Ирак.´„Последните анкети потврдуваат дека огромно мнозинство Ирачани сакаат да се повлечат Американците - според некои веднаш, според други за неколку месеци. Дури и мнозинство од Американците е за повлекување на своите војници од Ирак“, вели Хасеб. Тој проценува дека Ирак бргу ќе застане на нозе по американското повлекување, а стабилен Ирак може многу да придонесе за решение на локалните конфликти.

Ситуацијата во конфликтот меѓу Израел и Палестина, според него, е тешка и тука ни Барак Обама не може да пробие брзо решение. Ветената промена на американската политика ќе ја промени и меѓународната констелација, оценува Каир ел-дин Хасеб: „Претпоставувам дека побргу отколку што се очекува ќе се позиционираат нови столбови на моќта: Европа, Русија, Кина и Индија. Главен критериум, што досега ја дефинираше некоја супер сила, веќе нема да биде колку оружје има некоја држава, туку во иднина економскиот фактор ќе добива на значење. Мислам дека иднината е многу ветувачка“.