1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ја почна предизборната кампања со засукани ракави

Американскиот претседател Барак Обама ја почна официјално предизборната кампања. Почетокот повеќе од симболичен - со засукани ракави во двете стратешки најважни сојузни држави.

Половина година пред одржувањето на американските претседателски избори Барак Обама официјално ја почна кампањата за уште еден мандат. Под мотото „Напред“ Обама ги повика своите приврзаници во Охајо и Вирџинија да не дозволат „стрелките на часовниците во Америка да се вратат назад“. Со засукани ракави Обама вети борба за секој глас. „Ќе победиме на традиционален начин - од врата до врата, од улица до улица“, рече тој при настапот на Државниот универзитет Охајо.

Обама ги избра сојузните држави Охајо и Вриџинија за почеток на изборната борба поради тоа што тие важат за држави каде борбата за гласови е особено тешка. Во 2008 година двете сојузни држави гласаа за демократот Обама, а четири години претходно за републиканецот Буш. Претседателот Обама призна дека претседателска трка во која противкандидат би бил Ромни е уште понеизвесна од трката пред четири години против Џон Меккејн. „Затоа потребна ми е ваша помош. Ова не се вообичаени избори. Ова се избори на кои се работи за се‘ или ништо за средниот слој“, нагласи Обама.

Во средиштето на своите говори тој јасно ја стави борбата за еднакви шанси. Тој побара повисок данок за богатите, нивен „фер удел“ на патот напред, по надминувањето на најтешката економска криза по големата депресија од минатиот век. По една деценија војни, рече Обама, „нацијата која мора да се обнови е нашата“.

Голем товар за кампањата на американскиот претседател е економската состојба во земјата. Ниту еден од неговите претходници во изминатите шест децении не доби втор мандат доколку невработеноста беше повисока од 7,2 проценти. Најновите бројки за невработеноста во САД во април велат дека таа изнесува - 8,1%.