1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ја откажа средбата со Путин

Претседателот на САД Барак Обама ја откажа средбата со рускиот претседател Владимир Путин планирана за септември поради тензиите околу случајот Сноуден.

Американскиот претседател Барак Обама во пресрет на самитот на Г20 ја откажа планираната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва (на насловната фотографија: Обама и Путин на поранешна средба). Ова денеска (07.08.) го соопшти Белата куќа во Вашингтон образложувајќи дека немало „доволно напредок“ во односите меѓу Русија и САД.

Американскиот претседател Обама имено во пресрет на самитот на Г20 на 5. и 6. септември во Санкт Петерсбург требаше да отпатува на разговори со шефот на Кремљ во Москва. Но, откако Русија минатата недела му додели азил на американскиот компјутерски специјалист Едвард Сноуден се заострија дипломатските односи меѓу Вашингтон и Москва.

Поради тоа веќе постоеше соменевање дали Обама, по ваквата одлука би бил подготвен на директна средба со Путин. Обама за телевизијата ЕнБиСи вчера изрази разочарување од одлуката на Москва за Сноуден.

Заменикот советник за национална безбедност на Обама, Бен Родес за новинската агенција АП изјави дека руската одлука да му додели привремен азил на Сноуден уште повеќе ги влошила проблематичните односи меѓу двете земји: „Тоа беше еднострано гледиште на претседателот (Путин, н.з.) и на неговиот тим за национална безбедност, така што еден самит под вакви околности нема никаква смисла“, изјави Родес. САД меѓутоа и натаму ќе соработуваат со Русија за теми „кај кои можат да се најдат заеднички интереси“.

Учеството на самитот на Г20 на почетокот на септември, претседателот Обама веќе го потврди вчера вечер. Иако имало периоди, кога Русија се враќала на „начинот на мислење и менталитетот на студената војна“, рече американскиот претседател на ТВ станицата ЕнБиСи, сепак за САД како „водечка светска економија“ било важно да се присуствува на средбата.

Г20 е најважниот форум за разговори за развој на стопанството и овојпат се одржува во Русија.