1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама: стратегијата за Авганистан е успешна

Една година по претставувањето на новата стратегија за Авганистан, американскиот претседател Барак Обама извлече прв меѓубиланс. Стратегијата е успешна, меѓутоа останува уште многу работа, порача Обама.

default

Барак Обама на пресконференцијата во Белата Куќа за стратегијата во Авганистан

САД се на добар пат да ја постигнат нивната цел во Авганистан, порача претседателот Барак Обама. А целта гласи: да се уништи Ал Каеда. Новиот извештај на американската администрација е всушност таен, но во сижето од пет страници, што Обама го презентираше во јавноста, се вели дека Пакистан и Авганистан и натаму претставуваат база за операциите на Ал Каеда. Сепак има значителен напредок, порача претседателот:

„Раководството на Ал Каеда во пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан, за првпат по бегството од Авганистан пред девет години, се наоѓа под голем притисок. Важни лидери се убиени, отежнато е и привлекувањето нови приврзаници, патувањето, тренирањето, како и планирањето и изведувањето нови напади.“

Afghanistan USA Präsident Barack Obama in Bagram

Обама заедно со американските војници за време на последната посета на Авганистан

Потврда за излезното сценарио

Претседателот предупреди од преголем оптимизам, зашто состојбата би можела во секој момент повторно да се промени. И покрај тоа, Обама говореше за успеси во борбата против Талибанците:

„Ослободуваме се’ повеќе подрачја што биле под контрола на Талибанците. Се’ повеќе Авганистанци можат да се вратат во нивните места на живеење.“

Претседателот Обама повторно говореше за патот до т.н. излезно сценарио. Имено, кон средината на наредната година првите американски трупи би требало да се повлечат од Авганистан, а до крајот на 2014 година одговорноста за безбедноста на земјата треба да ја преземат авганистанските сили.

Obama überraschend in Afghanistan

Претседателот Обама со авганистанскиот колега по функција Хамид Карзаи во Кабул

Експертите скептични

Барак Обама исто така изјави дека неговата администрација ги поддржува разговорите со Талибанците доколку тие се откажат од насилството, се дистанцираат од Ал Каеда и го прифатат авганистанскиот устав.

Воените експерти се сепак скептични дека состојбата во Авганистан навистина значително се подобрила и оти успесите можат да бидат долгорочни. Се ’ уште е рано да се оценува напредокот, сметаат повеќето од нив.

Во моментов во Авганистан се стационирани 90.000 американски војници, кои се под заедничката команда на НАТО, како и уште 23.000 кои се надвор од одговорноста на Алијансата.

Автор: Кристина Бергман/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски