1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама се сретна со лидерите на Источна и Централна Европа

Американскиот претседател Барак Обама во Прага се сретна со лидерите на единаесет држави од Централна и Источна Европа, кои се членки на НАТО. Целта на средбата беше да ги увери во поддршката на Вашингтон.

default

Пртседателот Барак Обама

Гест кој има за цел да покаже дека „зајакнувањето“ на односите меѓу Америка и Русија по потпишувањето на новиот Договор за намалување на нуклеарното вооружување, не значи ослабнување на американските врски со земјите од Средна и Источна Европа. Ова е оценката по средбата во Прага на претседателот на САД Барак Обама со лидерите од поранешниот советски блок - Бугарија, Естонија, Литванија, Летонија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Чешка, како и со Словенија и Хрватска.

Атмосфера на поддршка

Чешкиот премиер Јан Фишер, по вечерата на лидерите со претседателот Обама, со оценка дека „атмосфера на страв, поради ресетирањето на руско-американските односи, не владеела на состанокот“: „На средбата не прозвучеја некои стравувања. Беше изразен интерес и потреба односите со Русија да бидат градени и во иднина како транспарентни, ефективни, заеднички да се информираме и комуницираме, што беше потврдено и од американскиот претседател. Значи, немаше стравување од ’ресетирањето’ на односите, напротив поддршка, но процесот да биде транспарентен, да ги почитува интересите на регионот, а со тоа мислам дека американскиот претседател немаше проблем. Јас сум длабоко уверен дека претседателот Обама сметаше дека е корисно да ги покани во Прага, на маргините на самитот со Русија овие земји, за нивните претставници да ги информира за натамошните принципи на американската политика и политиката на Алијансата. Тој не даде причини за изборот на земјите, а и воопшто не беа побарани причините од него од страна на учесниците,“ изјави чешкиот премиер Фишер.

Ангажманот на НАТО во Авганистан - централна тема

Чувствителното прашање за американскиот антиракетен систем, кој според плановите на претходната американска администрација требаше да биде разместен во Полска и Чешка, како што е соопштено, било само маргинално прашање на состанокот. Доминирале темите за ангажманот на НАТО во Авганистан, како тест за Северноатлантската Алијанса, и енергетската безбедност. Американскиот претседател Барак Обама денеска по билатералните средби со чешкиот претседател Вацлав Клаус и премиерот Јан Фишер, ја завршува посетата на Прага.

Автор: Теодора Давчевска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM