1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама се подготвува за воен напад врз Сирија

Американскиот претседател Барак Обама изнесе оправдувања за можен воен напад на Сирија. Според американскиот претседател, заклучено е дека сирискиот режим стои зад смртоносниот напад со хемиско оружје.

Обама вчера вечер објасни дека тој би употребил ограничен воен напад за да спречи идна употреба на хемиско оружје. Сепак, тој не изнесе некоја потврда која би го поткрепила неговото тврдење дека зад неодамнешниот напад во Сирија стојат силите на претседателот Башар ал-Асад. Американскиот лидер истакна и дека тој не донел одлука за тоа колку скоро би можела да биде одобрена воената интервенција. Тој потенцираше дека таквата операција ќе испрати „силен сигнал“ до Асад.

„Ние заклучивме дека сириската влада всушност ги спровела овие напади“, изјави Обама за американската телевизија ПиБиЕс. „А, ако е тоа така, тогаш мора да постојат меѓународни последици“, додаде американскиот претседател.

UN Inspektoren in Syrien

Инспекторите од ОН работат на извештајот за употреба на хемиско оружје во 30-месечната граѓанска војна во Сирија

Обама појасни дека повеќе е за ограничен напад, отколку за долготраен воен ангажман како оној во Ирак, нагласувајќи дека „дирекниот воен ангажман и вклучувањето во граѓанската војна во Сирија нема да помогне во ситуацијата на терен“.

„Доколку тоа го кажеме на јасен и решителен, но на многу ограничен начин, тогаш испукуваме со тоа истрел на предупредување со кој велиме - престанете тоа да го правите“, рече Обама, оправдувајќи го таквиот напад со „долгорочен позитивен ефект врз“ американската „национална безбедност“. Американскиот претседател смета дека американските национални интереси би можеле да бидат загрозени доколку сириското хемиско оружје падне во погрешни раце.

Разногласие во Советот за безбедност

Со цел одобрување на воениот напад на Сирија, Велика Британија вчера поднесе резолуција во Советот за безбедност на ОН. Петте постојани членки вечра вечер не успеаја да се договорат за оваа предлог-резолуција. Рускиот претставник во Советот за безбедност нагласи дека овој чекор е преуранет. Руските и кинески претставници го напуштија состанокот многу порано од претставниците на другите земји. Двете земји остро се противат на воена интервенција во 30-месечниот конфликт во Сирија.

„Изнесените планови од страна на некои држави за воен напад врз Сирија се јасен предизвик на клучните одредби на Повелбата на ОН и други норми на меѓународното право", изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија Генадиј Гатилов.

Сепак, британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави дека дискусијата меѓу петте членки – Кина, Франција, Русија, Велика Британија и САД, за кризата во Сирија ќе продолжи и во следниве денови. „Разговорите би требало да продолжат на основа на инструкциите кои ќе стигнат од владите“, изјави неименуван западен дипломат, кој „не е преголем оптимист“ во врска со исходот на целата ситуација, истакнувајќи дека за новата рунда разговори не е одреден ниеден датум.

David Cameron und Angela Merkel

Камерон и Меркел согласни дека има доволни докази за употребата на хемиско оружје во Сирија

Германија и Британија согласни

Британскиот премиер Дејвид Камерон синоќа телефонски разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел. Двајцата лидери се согласиле дека постојат „доволни докази“ за употребата на хемиското оружје во Сирија, што „ја прави меѓународната реакција неопходна“.

„Двајцата лидери се надеваат дека ниту една членка на Советот за безбедност нема да ги затвори своите очи пред ова злосторство против човештвото и дека ќе бидат договорени соодветни последици од тоа“, рече Штефен Зајберт, портпаролот на германската канцеларка.

За можниот воен напад врз Сирија Камерон треба денеска да се обрати во парламентот во Лондон. Британската опозиција успеа да го принуди Камерон да вети дека ќе почека со стартувањето на воена акција се' додека инспекторите од ОН не ги презентираат наодите за употреба на хемиско оружје во Сирија.