1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама се опкружува со искусни борци

Во безбедносниот кабинет на претседателот на САД летово ќе дојде до неколку промени. Функцијата ја напушта министерот за одбрана Роберт Гејтс. На неговото место но и на другите, каде има промени ќе дојдат познати лица.

default

Барак Обама ја најави реконструкцијата на безбедносниот кабинет на прес-конференција во Белата Куќа

Кадровските промени во безбедносниот тим на претседателот Барак Обама не претставуваат изненадување. Конечно министерот за одбрана Роберт Гејтс уште при назначувањето од страна на претходникот на Обама Џорџ Буш укажа дека тој не планира да остане на функцијата подолго од неопходното. Оттогаш меѓутоа минаа повеќе од четири години. Гејтс на заедничката пресконференција со Обама се пошегува: „Сакам да му се заблагодарам на претседателот Буш, бидејќи ме праша дали може да ја превземам оваа функција и на вас господине претседателе, зашто ме замоливте да останам уште малку, и уште малку и уште малку“.

Gates / Pentagon / USA

Роберт Гејтс по повеќе од четири години заминува од функцијата министер за одбрана

Нема промена на политиката

68- годишниот Гејтс на функцијата ќе го замени 72 годишниот Леон Панета, кого Обама пред само две години го назначи за Директор на разузнувачката служба ЦИА. Претседателот смета дека поранешниот конгресмен и шеф на кабинетот во Белата куќа е вистинскиот човек за функцијата: „Патриотизмот и извонредните менаџерски квалитети, кои беа одлика на Леон во неговата 40 годишна кариера во државната служба се токму тоа што мора да го поседува идниот министер за одбрана. Како директор на ЦИА тој имаше решавачка улога во борбата против насилничкиот екстремизам и знае дека САД треба да бидат непопустливи во борбата против Ал Каеда “, рече Обама.

Едно е јасно. Кадровските промени не значат промена на политиката. И под раководство на Панета, повлекувањето на трупите од Ирак ќе биде завршено до крајот на годината, а од Авганистан тоа ќе започне ова лето. Промената на врвот во Пентагон треба да се случи на 1 јули, но најнапред е потребно назначувањето на Панета да го одобри и Сенатот.

Празното место на чело на ЦИА, истотака ќе биде пополнето со познато лице: генералот Дејвид Петреус, во моментов главен-командант во Авганистан, ќе ја заврши воената кариера и ќе ја превземе функцијата во тајната служба на почетокот на септември. Петреус кој важи за архитект на воениот успех во Ирак и кој на молба на Обама ја превзеде и функцијата во Авганистан на тој начин од корисник на разузнувачките информации ќе стане продуцент на тие информации. „Како долгогодишен консумент на разузнувачките информации тој знае дека тие мора да бидат навремени и точни и од нив да произлезат брзи дејствија“, истакна Обама.

Kombibild Panetta Petraeus

Леон Панета и Дејвид Петреус, новите луѓе на чело на Пентагон и ЦИА

Искусни борци на сите фронтови

Трансверот на Петреус во ЦИА пак значи дека се ослободува местото командант на силите ИСАФ во Авганистан. Оваа функција ја превзема генералот Џон Р. Ален кој исто така не е почетник на ова поле, туку зад себе има забележителен раководен ангажман на бојното поле во Ирак и бил директно вклучен во развојот и спроведувањето на стратегијата за Авганистан.

Значи тројцата условно кажано „новаци“ се познаваат и досега имаат докажано дека можат да соработуваат. Транзицијата треба да се одвива беспрекорно, зашто со оглед на двете војни и дополнителното оптоварување на армијата преку ангажманот во Либија, на Обама му се потребни искусни борци на фронтовите , кои ќе му го чуваат грбот. Важноста на тоа станува дотолку поголема, колку повеќе се наближуваат наредните претседателски избори во САД.

Автор: Кристина Бергман/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска