1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама се врати со победа во втората рунда

Американските претседателски кандидат Барак Обама и Мит Ромни во Њујорк се соочија во агресивна и многу поизедначена дебата, на која се дискутираше за економијата, надворешната политика и за личните предности и слабости.

Американскиот претседател Барак Обама успеа да остави подобар впечаток од својот ривал Мит Ромни на втората дебата на претседателските кандидати. Откако беше жестоко критикуван, дури и во редовите на неговата Демократска партија, поради слабиот и пасивен настап на првата дебата, Обама синоќа покажа друго лице.

Првичните анкети спроведени веднаш по дебатата покажаа дека агресивниот Обама излегол како убедлив победник против Ромни, кој пак овојпат мораше да се брани од жестоките напади.

Најмногу контроверзи во дебатата предизвика прашањето за нападот на 11 септември во Либија, во кој беше убиен американскиот амбасадор Кристофер Стивенс и уште тројца Американци.

Ромни го обвини Обама дека по нападот заминал да собира изборни донации во Лас Вегас и притоа погрешно го претставил терористичкиот напад врз конзулатот во Бенгази како спонтан протест.

Обама возврати дека уште првиот ден, по нападот, рекол дека се работи за тероризам. Обама рече дека крајната одговорност за тоа што се случи во Либија не е кај државниот секретар Хилари Клинтон, која прифати одговорност непосредно пред дебатата, туку е кај него, и најави казна за напаѓачите на конзулатот.

TV Duell Barak Obama und Mitt Romney in Hempstead

Прашањата ги поставуваа политички неопределени граѓани

Во дебатата во која прашањата ги поставуваа политички неопределени граѓани на Њујорк, Обама го обвинуваше Ромни како кандидат на најбогатиот слој Американци, кој ќе ги намали нивните даноци и ќе ги намали регулативите за банките.

Ромни возврати дека во изминатите четири години економијата е со неприфатливо низок раст и висока стапка на невработеност и рече дека уште четири години на Барак Обама ќе значат продолжување на стагнацијата.

„Доколку Обама добие уште еден мандат ќе тргнеме по патот на Грција“, поентираше републиканскиот кандидат.

Двајцата кандидати дебатираа и се обвинуваа и за цената на горивото, енергетската политика, трговијата со Кина, статусот на имигрантите, можностите за вработување на младите и положбата на жените.

Следната, и последна дебата пред изборите на 6. ноември, е предвидена на 22 октомври и ќе биде на тема на надворешната и одбранбената политика.