1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама сака здравствено осигурување за сите Американци

Економијата во САД може да направи пробив само со сеопфатна реформа на здравството, американскиот претседател Барак Обама не се откажува од ова убедување и повторно јавно ги претстави своите планови.

default

Барак Обама

Обама покрај приватниот систем на здравствено осигурување сака да воспостави и државен систем, со што здравствената заштита ќе стане поефикасна и поефтина.

Тој сака да го поправи расположението, да ги натера Американците да сфатат дека со растечките трошоци во здравствениот систем не може натаму.

Gesundheitswesen in den USA Meltdown Krankenhaus

Болница во Флорида

„Ако овие трошоци не ги ставиме под контрола, нема да можеме да го ставиме под контрола ниту буџетскиот дефицит. Реформата на здравството не е нешто што се однесува само на 47-те милиони Американци, кои немаат никакво здравствено осигурување. Реформата го засега секој Американец, кој веќе почувствувал што значи страв од губење на осигурувањето поради тешка болест или поради тоа што останал без работа.“

Надеж во добро здравје

Во моментов милиони луѓе живеат во надеж дека нема да се разболат или да доживеат некоја незгода. Секој трет млад Американец нема здравствено осигурување, како Хоган Горман, која по сообраќајка не може да работи две години, а веќе има направено долгови од повеќе од 20 илјади долари: „Многу од луѓето воопшто не знаат што значи да се биде болен или повреден“, вели таа.

Здравственото осигурување во САД не е задолжително.

Symbolbild Medizin Operation Baby

За операциите треба цело богатство

Мнозинството луѓе се осигурани преку своите фирми. Но, трошоците за тоа растат, па фирмите ги откажуваат осигурувањата за своите вработени. Причината се енормно високите административни и вкупните здравствени трошоци. Споредено во меѓународни рамки, здравствената состојба на американското население е лоша. Оној кој не е осигуран, добива медицинска помош само во итен случај. „Она што се случува во болниците е ужасно, станиците за брза помош се преполни, луѓето не ја добиваат помошта која им е потребна. Тотална криза“, вели Елизабет Бенџамин, претставник на неосигураните од Њујорк.

Но, и на оние со здравствено осигурување не им е загарантирана заштита. Здравствените каси не плаќаат голем дел од лекарските услуги, а по правило во трошоците пациентите учествуваат со висока партиципација. За многумина Американци тешката болест значи истовремено и банкрот. Барак Обама со својата реформа сака токму тоа да го спречи.

Автор: Елке Сандтер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска