1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама пред важен успех

Ратификацијата на договорот за стратешко разоружување меѓу САД и Русија, СТАРТ, може да се очекува уште пред крајот на оваа година. Во американскиот Сенат е навестено потребното мнозинство.

default

Барак Обама упорно до целта

Долгоочекуваната ратификација на договорот за стратешко разоружување меѓу САД и Русија, што го носи името СТАРТ, може да се очекува уште пред крајот на оваа година. Бројните разговори на американскиот претседател Барак Обама со сенаторите од опозициската републиканска партија очигледно вродија со плод. Синоќа повеќемина од нив му се приклучија на барањето на Обама да се прекине дебатата во горниот дом на парламентот, Сенатот, и да се гласа за ратификацијата. Познавачите очекуваат дека на денешната седница на Сенатот ќе има доволен број гласови за постигнување на неопходното двотретинско мнозинство.

Притисок и однадвор

Отпорот на републиканците против ратификацијата на СТАРТ договорот очигледно попушта. За него во меѓувреме се изјаснија сите поранешни министри за надворешни работи на САД од редовите на републиканците, а што е уште поважно зад СТАРТ договорот застана и највиското раководство на Пентагон. Притисокот почна да расте уште на последниот самит на НАТО во Лисабон, каде голем број европски членки на Алијансата побараа договорот да се ратификува. Меѓу нив беше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Важноста на овој чекор уште еднаш ја истакна американскиот претседател Барак Обама кој во саботното обраќање до нацијата порача:

„Без нов договор го ставаме на коцка напредокот во односите со Русија, кои се од суштински карактер. Тоа ни е потребно за да ги протуркаме построгите санкции против Иран, за да обезбедиме радиоактивен материјал да не дојде во рацете на терористи, како и за да го осигураме снабдувањето на нашите сили во Авганистан.“

Аргументите вродија со плод

По синоќешното гласање во Сенатот за прекинување на дебатата околу СТАРТ договорот и јавната поддршка на повеќемина сенатори од републиканскиот табор, Обама се чини се наоѓа кусо пред најголемиот надворешнополитички успех:

USA Kongress Innenansicht

Американскиот конгрес

„Единаесет републикански сенатори ноќеска јавно им се приклучија на 56-темина демократски сенатори во поддршката за договорот за разоружување со Русија. Се надевам дека на гласањето уште повеќе сенатори ќе се приклучат“, порача еден од најугледните републикански сенатори Ричард Лугар.

Тој нагласи дека пробното гласање покажало оти меѓу сенаторите од двата политички табора постои силна поддршка за СТАРТ договорот. На Обама му се неопходни барем девет гласа на републиканците за да го оствари неопходното двотретинско мнозинство во Сенатот. Обидувајќи се да ги убеди и најскептичните од конзервативниот табор на републиканците, Обама во Сенатот порача дека токму оние кои не им веруваат на Русите треба сега да гласаат за ратификација на СТАРТ договорот:

„Во моментов немаме никаков механизам за да провериме што се случува на теренот во Русија“, посочи Обама.

Решавачкиот елемент за конечното поместување во политичкиот став во републиканскиот табор дојде од армиското раководство. Во последните часови за договорот со Русија се изјаснија и највисоките генерали во Пентагон.

Автор: Ралф Зина/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM