1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама попушти пред рускиот предлог

Во серија интервјуа дадени за американските телевизии, претседателот Барак Обама одлучи сепак да и‘ даде дополнителен рок на Сирија за предавање на комплетните залихи на хемиско оружје.

Американскиот претседател Барак Обама го прифати предлогот на Русија за ставање под меѓународна контрола на сириското хемиско оружје. Иако Обама вчера даде дури шест телевизиски интервјуа, а за денеска најави и обраќање до нацијата, во кои сакаше и лично да ги поддржи аргументите на неговите најблиски соработници за напад врз Сирија, сепак состојбата се смени по изјавата на државниот секретар Џон Кери дека сирискиот претседател Башар ал - Асад би можел да ја реши кризата доколку во рок од еден недела целото свое хемиско оружје и‘ го предаде на меѓународната заедница, што Русија веднаш го прифати како мировна иницијатива.

Првичните коментари во САД се дека Обама ја искористил „сламката на спас“ која му дојде од неочекувана страна - од лутиот ривал Русија. Иако, малкумина веруваат дека сирискиот претседател ќе се согласи да го неутрализира својот хемиски арсенал, кој му е последната гаранција во војната против бунтовниците.

G20 Gipfel Russland Sankt Petersburg Wladimir Putin und Barack Obama

Владимир Путин и Барак Обама

Белата куќа изрази сомнеж дека рускиот план можеби е нов обид да се купи време, но брзината со која администрацијата на Обама го прифати предлогот сугерира дека американскиот претседател можеби се исплашил од политичката изолација која му се закануваше- со извесниот пораз на гласањето во Конгресот и неговиот кредибилитет како државник од светски формат е доведен во прашање.

Во интервјуата кои ги даде во понеделникот, Обама го поздрави рускиот план.

„Можно е, доколку планот е реален“, рече Обама за СиЕнЕН. Обама првично планираше да го искористи за денеска најавеното обраќање до нацијата, за да ги убеди своите сограѓани дека планот за воен напад врз Сирија нема алтернатива, но тонот на денешната изјава сега се очекува да биде поинаков.

Последните анкети во САД покажуваат дека повеќе од 60 проценти од американските граѓани се противат на воена интервенција, и покрај тврдењата на администрацијата дека сириската армија употребила хемиско оружје во битките со бунтовниците.

Јавното мислење посилно од Обама

Експертите предупредуваат дека во ерата на модерните медиуми, ниту еден претседателски говор не успеал да го промени пулсот на нацијата, која е отворено против војна. Дури и самиот Обама призна дека неговите обиди да го смени јавното мислење се залудни.

Russland Außenminister Lavrov 26.08.2013

Сергеј Лавров

„Не сум сигурен дека воопшто ќе успееме да го обезбедиме мнозинството од Американците (за напад врз Сирија, н.з.)“ изјави Обама за ПиБиЕс.

Неочекуваниот пресврт се случи откако државниот секретар Џон Кери, на прес-конференција во Лондон, на новинарско прашање што би можело да го спречи нападот врз Сирија, одговори дека тоа би се случило доколку Асад го предаде секое парче хемиско оружје на меѓународната заедница во рок од една недела, за веднаш да додаде дека тоа нема да се случи и е неизводливо. Но, изјавата покрена иницијатива на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека на сирискиот министер Валид ал Муалем, кој беше во посета на Москва, му поднел иницијатива Сирија да ги стави своите резерви со хемиско оружје под меѓународна контрола и да се обврзе дека ќе го уништи потоа. Муалем, пак, рече дека Сирија го поздравува рускиот предлог. Руската иницијатива, во меѓувреме, ја поздравија и водечките европски држави.