1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама подобар во последниот ТВ-дуел

Кандидатите за американски претседател, Барак Обама и Мит Ромни, во Флорида, на последниот телевизиски дуел пред изборите, дебатираа околу надворешната политика. Обама жестоко го нападна Ромни.

Последниот дуел на Барак Обама и Мит Ромни мина без вистински изненадувања. Уште на почетокот на дебатата Обама беше агресивен, внимаваше точно што зборува Ромни и му се спротивставуваше: „Секогаш кога за нешто изразувавте свое мислење имавте погрешна проценка“, рече Обама. Ромни одговори дека „нападите против него не се агенда“ во однесувањето во еден опасен свет.

На почетокот на дебатата Ромни се обиде на својот ривал да му ја одземе силата со тоа што му честиташе за убиството на шефот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен.

„Требаше да се направи така како што тоа го стори претседателот. Му честитам за отстранувањето на Осама Бин Ладен и гонењето на врвните луѓе на Ал Каеда.“

Истовремено, Ромни подвлече дека убиството не е доволно и побара „опсежна стратегија“, која ќе им помогне на земјите како Сирија и Египет да им се спротивстават на екстремистите и терористите со сопствени сили. Според него, политиката на Обама кон арапскиот свет и промените таму не е соодветна. САД посматраа како во изминатите години во регионот се случува „бран на хаос“, нагласи републиканскиот кандидат за американски претседател. Освен тоа, според Ромни, Обама не сторил доволно за да го спречи Иран да развива атомско оружје.

На тоа Обама одговори со набројување на своите надворешнополитички успеси, како завршувањето на војната во Ирак и повлекувањето на американските сили од Авганистан.

Обама го обвини својот противник дека постојано ги менува надворешнополитичките ставови. „Благодарен сум што го признавате нашиот успех во врска со Ал Каеда“, рече Обама, веднаш констатирајќи дека Ромни до пред извесно време ја опишуваше Русија како најголем непријател на Америка. Што се однесува пак до Иран и обвинувањето дека не прави доволно, демократот Обама рече:

„Тоа е веројатно најголемата лага што е изречена за време на оваа кампања и секој фактограф и секој новинар кој ја следи кажа дека тоа не е вистина. Кога станува збор за заострување на санкции, ние воведовме најостри санкции досега. Факт е дека додека ние во рамки на меѓународната коалиција се координираме за да обезбедиме ефективни санкции, вие и натаму инвестирате во кинеска државна нафтена компанија која има зделки со иранскиот нафтен сектор“.

Размена на удари имаше и околу темата Кина. Ромни вети дека ќе се спротивстави остро на кинеските манипулации со валутата и нефер тргувањето. Обама пак, нагласи дека тој на Кина гледа како на партнер се‘ дека таа земја се држи до правилата.

Телевизискиот дуел за кандидатите за американски претседател беше последната можност да поентираат пред милионска публика и да ги придобијат на своја страна неопределените гласачи. Според анкетите направени веднаш по дуелот, победник во оваа дебата е Обама. Си-Би-Ес Њус соопшти дека спроведеното истражување покажало оти Обама го добил дуелот против Ромни со 53 спрема 23 проценти, додека Си-Ен-Ен соопшти дека неговата анкета покажала резултат од 48 проценти за Обама и 40 проценти за Ромни. Инаку, генерално, во истражувањата на јавното мислење на две недели пред изборите, двајцата противкандидати се прилично изедначени.