1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама подготвува нова нуклеарна стратегија

Американскиот претседател Барак Обама подготвува нова нуклеарна стратегија која би подразбирала и значајно намалување на нуклеарниот арсенал на супер-силата. Експертите предупредуваат дека не треба да се очекуваат чуда.

default

Барак Обама

Свет без нуклеарно оружје- Да! Меѓутоа во познатиот говор кој минатата година го одржа во Прага, Обама ги предупреди противниците. „Немојте да се залажувате, се’ додека постои тоа оружје, САД ќе задржат сигурен и ефикасен арсенал за да се заштитат од потенцијалните агресори“.

Американскиот арсенал би требало да биде намален за неколку илјади парчиња. Намалувањето на нуклеарното оружје би можело да се одрази и на арсеналот кој САД се’ уште го чуваат и во Германија, тврдат неименувани претставници на администрацијата за весникот Њујорк тајмс. Се работи за околу 20 складирани нуклеарни бомби во близина на градот Кобленц. Вашингтон преговара со европските сојузници и за отстранување на тактичките боеви глави со среден дострел од неколку НАТО бази на континентот. Намалувањето на атомските боеви глави и складиштата за оружје е цел на Обама уште откако стапи на должноста. Неговите демократи веќе со месеци се борат во Сенатот за забрана на нуклеарните тестови.

За разлика од својот претходник, Џорџ Буш, според информациите на Њујорк тајмс, Обама нема да развива ново нуклеарно оружје. Пентагон ќе се концентрира на развој на конвенционално оружје кое овозможува изведување напади ширум светот во рок од еден час.

Потпретседателот Џо Бајден на таа тема вели: „Со новото оружје за напади и новиот противракетен штит, САД ќе останат многу силни и покрај намалувањето на нуклеарниот арсенал“.

САД го задржуваат правото на прв напад

Atomwaffe

Се очекува намалување на нуклеарниот арсенал на САД во Европа

Сепак, Обама и понатаму сака да го задржи правото, прв да изведе нуклеарен напад, доколку е тоа потребно и против држави кои не поседуваат нуклеарно оружје, доколку од тие држави се заканува напад со хемиско или биолошко оружје.

Актуелната нуклеарна стратегија на САД се заснова на анализата на Федерацијата на американските научници, за постоење на шест потенцијални непријатели. Тоа се Кина, Русија, Иран, Северна Кореја, Сирија и терористите кои поседуваат оружје за масовно уништување.

Сепак експертите предупредуваат дека новата американска нуклеарна доктрина нема да биде ништо спектакуларно, односно ќе биде многу далеку од реториката на Обама. „Новиот документ ќе биде одржување на статус-кво состојбата“, прогнозира Џефри Луис, еден од водечките американски експерти за вооружување.

Содржината на документот најверојатно ќе биде обелоденета на Самитот за неширење на нуклеарното оружје во Вашингтон во април годинава.

Автор: Ралф Зина/афп/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина