1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама очекува Грција да го стабилизира Балканот

Американскиот претседател Барак Обама, по средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас, рече дека Грција може да одигра важна улога за стабилизирање на балканскиот регион и повика на решавање на регионалните спорови.

Обама ја повика Грција да одигра стабилизирачка улога на Балканот:

„Имавме можност да разговараме за општата ситуација околу Средоземјето и Балканот. Како што премиерот кажа, овој регион е полн со предизвици и Грција може да игра важна стабилизирачка и партнерска улога, додека ги решаваме прашања на Блискиот Исток, во Северна Африка, на Балканот“, изјави Обама.

Американскиот претседател во своите забелешки го посочи примерот на Кипар, каде очекува решавање на повеќедеценискиот спор и тензиите. Од своја страна, Самарас изјави дека Грција ќе се обиде да ги решава проблемите во регионот, со почитување на меѓународното право.

„Се обидуваме да сториме се‘ што можеме за да ја стабилизираме многу нестабилната ситуација во која живееме. Верувам дека регионот има многу проблеми. Ние се обидуваме да решиме колку што можеме повеќе од нив, да воспоставиме соработка во областите кои се посочени, секогаш како поборник на меѓународното право секаде каде што се посочени проблемите“, изјави Самарас.

Грчкиот премиер повторно се повика на меѓународното право и одлуките на Обединетите нации зборувајќи за прашањето на Кипар, каде се обиде да ги претстави кипарските Грци како конструктивна страна во спорот.

Изјавата на Обама за Балканот се коси со најавите на грчките медиуми, брифирани од Самарас и од грчката делегација во Вашингтон, дека балканските прашања нема да бидат отворени на највисоко ниво, и дека во Белата куќа ќе се разговара само за грчките економски прашања и очекувањата за развој на гасните резерви.

EU Haushaltsgipfel Antonis Samaras

Самарас ќе се сретне и со Бан Ки Мун

Грчкиот премиер, пред американскиот претседател, се обврза дека првите шест месеци на 2014 година, во текот на кои Грција ќе претседава со Европската унија, ќе ги искористи за да работи за склучување на планираниот договор за слободна трговија меѓу САД и Европската унија, спасоносното решение од кое Вашингтон и Брисел очекуваат излез од економската криза. Но, во своето интервју за грчкиот весник Катимерини, дадено токму во пресрет на средбата на Обама и Самарас, американскиот потпретседател Џо Бајден оценува дека грчкото претседателство со ЕУ ќе треба да се искористи и за други прашања, како што е ‘промовирањето на пошироката визија за Европа, обединета и слободна. Во време на грчкото претседавање, покрај прашањето за македонските евро- интеграции, се очекува да се постави прашањето на интеграциите и на Албанија, која е во спор со Грција околу користењето на морски појас во кој се претпоставува дека има резерви на нафта и гас. Интеграциите на Турција, како и вклученоста на Турција во трговскиот договор меѓу ЕУ и САД ќе бидат на грчката агенда во овој период, како и продолжувањето на интеграциите на Србија и Косово, од кои зависи успехот на нивниот договор, при што Грција се‘ уште не го признава Косово.

Претседателот Обама, пред медиумите, и‘ изрази поддршка на Грција за тешките реформи кои ги врши и ја понуди американската солидарност. Самарас се надева на оваа поддршка, во неговите обиди да издејствува поповолни услови од Германија и другите европски доверители, кои придонесуваат кон санирање на огромниот грчки долг.

„Сите сме свесни дека Грција поминува низ неверојатни предизвици. Досега, премиерот презема некои навистина храбри и тешки одлуки за да ги започне структурните реформи кои може да го намалат товарот на долгот со кој се соочува Грција. Важно е да имаме план за фискално консолидирање и справување со долгот, но исто така е важно растот и работните места да бидат во нашиот фокус, бидејќи од историјата знаеме дека земјите кои растат и имаат висока стапка на вработеност, ја зголемуваат продуктивноста, полесно го намалуваат својот долг од земјите каде луѓето ја загубиле целата надеж“, изјави Обама, кој и во САД се соочува со справувањето на високиот долг.

Самарас се согласи дека неговите граѓани се соочени со огромни жртви, но рече дека тоа нема да биде попусто.

„Секако, ние ќе го сториме тоа што треба да се стори во поглед на структурните промени, но нашиот акцент ќе биде на создавање на работни места, особено за младите. Му кажав на претседателот дека стапката на невработеност кај младите достигна неверојатни бројки, 60 проценти, со вкупна невработеност од 28 проценти“, изјави Самарас.

Двајцата соговорници зборуваа и за борбата против тероризмот, а грчкиот премиер го посочи и проблемот со илегалната имиграција во Грција, тема по која се на спротивни страни со Обама, кој работи на легализирање на илегалните доселеници, додека Грција под водство на Самарас се обидува да ги држи во кампови.

Обама не дозволи дополнителни прашања на прес конференцијата на која беа присутни медиумите од пулот на Белата куќа и медиумите по избор на грчката амбасада. На претходната средба, во Стејт департментот, Самарас се сретна со државниот секретар Џон Кери, кој исто така, преку портпаролката Џен Псаки, изрази поддршка за неопходните економски реформи кои ги спроведува Грција. По средбата со Обама, Самарас замина за Њујорк, каде денес треба да се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун. Предвидено е на оваа средба да присуствува и посредникот во разговорите за спорот за името на Македонија амбасадорот Метју Нимиц.