1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Обама отвора предизборни фронтови со Кина

Американскиот претседател Барак Обама одлучи да ја тужи Кина во Светската трговска организација поради високите тарифи за американските возила. Аналитичарите сметаат дека изборите се причина за последниот судир

Американскиот претседател Барак Обама во рамките на предизборната кампања за претседателските избори деновиве беше активен во државата Охајо. Тоа е сојузна држава во која особено негативно погодена од кризата во светската економија е автомобилската индустрија. Обама и неговиот ривал републиканецот Мит Ромни водат жестока битка за секој глас. Оттука и не беше изненадување што Обама на гласачите им вети битка против кинескиот протекционизам и отворање на нови работни места.

Во истовреме од Белата Куќа беше најавено дека е поднесена тужба пред Светската трговска организација против кинеската влада. Администрацијата на Обама ги оценува како „нефер“ кинеските тарифи за увоз на американски автомобили.

Кина неодамна ги зголеми увозните давачки за американските возила со зафатнина на моторот над 2,5 литри, за цели 21,5 проценти. САД минатата година во Кина извезле 92 илјади возила во вредност од 3 милијарди долари. Но и покрај тоа, американските производители како Крајслер и Џенерал Моторс

USA VW Werkseröffnung Chattanooga

Фабрика за автомобили во Охајо

имаат големи проблеми поради кинеските тарифи.

Предизборен тајминг

Според Џејкоб Киркергард од Петерсон институтот за меѓународна економија во Вашингтон, тајмингот на нападот врз кинескиот протекционизам не е воопшто случаен.

„Тајмингот го диктираат претседателските избори. Обама се обидува да се претстави како адвокат на американската авто-индустрија“, вели Киркергард.

Дорис Фишер, економист и професор за кинеска економија и бизнис на Универзитетот во Вирцбург, смета дека на проблемот се гледа истоветно и во Пекинг.

„Кина веќе се жалеше поради тоа што во САД овој проблем станува изборна тема“, вели таа.

Кинеските власти објаснуваат дека зголемувањето на тарифите се должи на фактот што американската авто-индустрија добива нелегални државни субвенции, што пак ги прави автомобилите премногу ефтини. Последниве години Вашингтон масовно ги субвенционира домашните производители на автомобили за да избегнат банкрот. Кина смета дека тоа е директна дисторзија на трговските односи.

Киркергард се согласува дека Крајслер добива јасна државна поддршка, но не смета дека тоа е вистинската причина за зголемувањето на тарифите. Тој смета дека Кина се одмаздува за други случаи кога американските власти не дозволија увоз на ефтини кинески производи. „На пример, како кога во 2009. Кина сакаше да продава автомобилски гуми по дампинг цени на американскиот пазар“.

Тензијата ќе спласне до изборите

Фишер вели дека САД постојано ја обвинуваат Кина дека сака да продава стоки

China Verkehr Autoverkehr in Peking

Пекинг

по дампинг цени, но сега истите обвинувања стигнуваат и од спротивен правец.

И сега одеднаш Обама се јавува како заштитник на американската авто-индустрија и на работните места во неа. Но дали навистина се загрозени работните места поради зголемените тарифи за 92 илјади автомобили кои доаѓаат од САД во Кина? Фишер смета дека тоа не е случај. Таа вели дека Џенерал Моторс лани во Кина продал 2,5 милиони возила, но само неколку илјади од нив биле увезени. Останатите биле произведени од ЏМ во Кина, во фабриката во Шангај, каде не се субјект на никакви увозни тарифи.

Жалбата која САД ја поднесоа против Кина пред СТО, во суштина секогаш ја следи истата процедура, но експертите не веруваат дека таа воопшто ќе се материјализира. Киркергард вели дека очекува целиот случај да „спласне“ до ноември годинава, кога завршуваат изборите. Иако вели дека САД имаат за што да се жалат, тој проценува дека Вашингтон нема да оди докрај со тужбата.

„Обете страни имаат ставено преголем залог за да си ги ризикуваат трговските односи“, вели Киркергард.