1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама обмислува нова политика кон Сирија

Американскиот претседател дискутираше со најважните сојузници во Европа околу развојот на конфликтот во Сирија. САД го обвинија режимот на Асад за употреба на хемиско оружје и планираат достава на оружје на бунтовниците.

Во едночасовната видеоконференција со Барак Обама, покрај германската канцеларка Ангела Меркел, учествувале и францускиот претседател Франсоа Оланд, британскиот премиер Дејвид Камерон и италијанскиот премиер Енрико Лета. Сирија била во фокусот на разговорите, изјави владин портпарол во Берлин. Претходно, Белата куќа објави дека американските разузнавачки служби имаат доволно докази за употреба на хемиско оружје во помал обем и тоа во неколку наврати во борбата против бунтовниците. Вашингтон затоа планира воено да ги поддржи бунтовниците (на насловната фотографија: борци во Алепо). При употребата на нервниот гас сарин биле убиени 100 до 150 луѓе, тврди заменикот советник за национална безбедност на Обама, Бен Родес. Обама употребата на хемиско оружје ја означи за „црвена линија“ чие преминување би значело интервенција во конфликтот. Претседателот Обама најави и дополнителна поддршка на сириските бунтовници која не вклучува оружје.

Според медиумите, САД планираат испорака на оружје во Сирија. Весникот „Волстрит журнал“ тврди дека Обама веќе потпишал испорачување пратка оружје на сириските умерени бунтовници. Освен тоа, американската армија планирала воведување зона на забранети авионски летови во сириските гранични подрачја, за да им овозможи простор за повлекувањена бунтовниците, тврди новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори.

Германската канцеларка Ангела Меркел останала на познатата позиција - против испорака оружје на сириската опозиција. Во интервју за Би-Би-Си таа побара итна седница на Советот за безбедност на ОН заради постигнување заедничка позиција. Од нејзин аспект, неопходно е и одржување меѓународна конференција за Сирија.

Критика од Москва

Американските информации за тоа дека сирискиот претседател Башар ал-Асад употребил хемиско оружје против бунтовниците „не изгледаат убедливи“, а дополнителната американска воена помош за сириските бунтовници би ги намалила напорите преку мировни преговори да се дојде до ставање крај на судирот кој трае повеќе од две години и во кој загинаа најмалку 93 илјади луѓе, е ставот на Москва. Ова вчера го изјави Јуриј Ушаков, советникот на рускиот претседател Владимир Путин.

Русија, исто така, „сe‘ уште не разгледува“ испраќање на модерни ракетни системи на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како одговор на американската воена помош на бунтовниците, рекол уште советникот на рускиот претседател Владимир Путин.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, пак, побара натамошни истраги во Сирија кои треба да докажат употреба на хемиско оружје. Потребен е доволен доказен материјал, истакна Бан во Њујорк. Со оглед на тежината на обвинувањата, сириската влада би требало да дозволи влегување на екипа на ОН, чија цел би била независна и објективна истрага. „Употребата на хемиско оружје, сеедно од чија страна, е злосторство против човештвото“, истакна Бан.