1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама: „Не постои бела и црна Америка“

Барак Обама е нов американски претседател. Демократот, кој е прв црнец кој ќе ги води САД, отворено се залага за нов почеток во американската политика.

default

Досега беше само сцена од филм: претседател-црнец

Барак Обама изоде доста долг пат. А, не изгледа како останатите американски претседатели, претставени на банкнотите долари. Тој постојано го нагласува ова. Неговата мајка е од Канзас, но татко му е Африканец.„Татко ми дошол во Америка како студент. Роден е и израснал во едно мало село во Кенија.Одгледувал кози и одел на училиште со шешир на главата. Дедо ми, пак, работел кај Британците како готвач“, вели Обама за своите предци.

Само во Америка се живее вака

Parteitag der US-Demokraten in Denver, Michelle Obama mit ihrern Töchtern Sasha und Malia

Обама: „Сонот продолжува да живее во моите ќерки“

Барак Хусеин Обама е роден на 4. август 1961 во Хонулу, во американската држава Хаваи. Неговите родители се запознале на тамошниот универзитет. Татко му се вратил за Кенија кога Барак имал 2 години. Тој продолжил да живее со мајка му во Индоазија, пред повторно да се пресели на Хаваи. Таму израснал во кругот на неговите американски баба и дедо. Во јули 2004, кога со својот говор на денот на демократската партија во Бостон преку ноќ прерасна во ѕвезда, изјави:

„Денеска стојам овде и благодарен сум за моето разновидно културно наследство. Сигурен сум дека сонот на моите родители продолжува да живее во моите две прекрасни ќерки. Стојам овде и знам дека мојот живот е дел од големата американска приказна. Во ниедна друга земја во светот мојот живот не би можел да биде ваков каков што е тука“, истакна Обама.

„Постојат само САД“

Претседателскиот кандидат студирал право во Њујорк и на реномираниот универзитет Харвард. Повеќе години работел како социјален работник и живеел во Чикаго, пред да одлучи да влезе во политиката во 1996 година. Неговиот напредок беше молскавичен. Само 8 години подоцна, во 2004, стана сенатор на сојузната држава Илиноис. Тоа беше годината кога го одржа познатиот говор во Бостон. Вниманието најмногу го привлече неговиот повик за заедништво: „Америка не е поделена на либерална и конзервативна Америка, единствено што постои се САД. Не постои бела и црна Америка, не постои Латиноамерика или азијатска Америка. Постојат само САД“ – беа дел од зборовите на Обама во Бостон.

Потребна е промена

Vorwahlen South Carolina Barack Obama 2008

„Промена“ - главното мото на неговата кампања

Потоа се` одеше побрзо. Пријателите го убедија да се кандидира за највисоката позиција во САД на претседателските избори 2008. Својата кандидатура ја објави на 10. февруари 2007 во Илиноис.

Местото не беше случајно избрано. Абрахам Линколн токму во Спрингфилд го одржа еден од своите најпознати говори, во кои предупреди дека би можело да дојде до поделби во американскиот народ, поради прашањето на робовите.

Барак Обама беше сосема свесен дека неисуството е еден од неговите најголеми недостатоци. Во Спрингфилд истакна: „Знам дека немав доволно време да навлезам во структурите на моќ во Вашингтон. Меѓутоа, доволно долго сум присутен, за да знам што треба Вашингтон да промени“, истакна Обама.

„Да, можеме“

Потребата од „промена“ во политиката стана мото на неговата изборна кампања. Тоа ги погоди многу Американци и на првите прелиминарни избори за кандидатскиот статус во неговата Демократска партија, што се одржаа во Ајова однесе неочекувана победа. Разочарувањето дојде кратко потоа на изборите во Њу Хемпшир. Обама сепак остана оптимист. „Надеж“ стана уште една главна порака во неговата предизборна кампања.

Jahresrückblick 2008 International Juli Obama in Berlin - Rede

Подготвени ли се САД да расчистат со расизмот?

„Во невообичаената историја на Америка, надежта никогаш не се покажала како залудна. Дури и кога сме се наоѓале пред видливо непремостливи пречки, кога ни велеле дека се` уште не сме подготвени, дека воопшто не треба ни да се обидуваме, или дека нема да успееме – генерации Американци одговарале со една едноставна реченица, што го отсликува духот на цела една нација: да, можеме“, убеден е Обама.

Крај на расизмот во Америка?

Обама пред изборите истакна дека доколку му успее да ја оствари својата голема цел, да седне во Белата куќа, ќе мора да покаже дека е способен да ја спроведе промената што ја бара. САД повторно ќе станат почитувана земја во светот. Ќе ја запре војната во Ирак, ќе ја извади земјата од економската криза, ќе oбезбеди повеќе работни места и ќе овозможи повеќе Американци да имаат здравствено осигурување.

Bildgalerie USA Wahlen Obama McCain Weißes Haus 2

Ако победи - ова е фотелјата што го чека

Победата на првиот кандидат-црнец на претседателските избори е индикација дека САД се подготвени да го премостат амбисот меѓу црнците и белците кои живеат во земјата. Но, црнците се` уште ќе бидат дискриминирани, ќе имаат помали примања и полошо образование. Барак Обама сака и тоа да го промени: „Убеден сум, а тоа убедување почива врз мојата верба во Бога и американскиот народ, дека сме подготвени нашето расистичко минато да го оставиме зад нас, ако работиме заедно. Тоа е единствениот начин да ја обединиме нашата земја“, изјави Обама.

Притоа, тој бара трпение. Во текот на неговото претседателство, вели тој, нема да се решат сите проблеми, уште помалку во рок од 4 години.

DW.COM