1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама не верува во стара или нова, туку во обединета Европа

На крајот на петдневниот маратон на самити, американскиот претседател Барак Обама денеска се сретна со лидерите на земјите-членки на ЕУ. Тој одржа и говор во Прага на кој ги изнесе предлозите за свет без атомско оружје.

default

Говор на американскиот претседател во Прага

Првиот говор на Барак Обама на отворено во Европа по неговото стапување на функцијата беше посветен на нуклеарното разоружување. Тој притоа ги изнесе своите предлози за свет без нуклеарно оружје. „САД ќе превземат конкретни чекори кон свет без атомски проектили“, изјави Обама пред околу 30 илјади луѓе во Прага. Тој уште порача дека САД ќе одржуваат ефективен арсенал нуклеарно оружје за сопствена одбрана, но ќе започнат да го намалуваат, рече Обама додавајќи: „Како единствена нуклеарна сила која досега има искористено атомско оружје, САД имаат морална одговорност да дејствуваат.“

Американскиот претседател најави нова меѓународна иницијатива со која треба да се осигура целокупниот нуклеарен материјал ширум светот во рок од четири години. Обама ја повтори пораката дека САД сакаат преку дијалог базиран на взаемните интереси и респект да се разреши спорот околу атомската програма на Иран.

Tschechische Republik Obama Prager Burg Rede

Одушевен пречек за Обама и неговата сопруга Мишел во Прага

Осуда на севернокорејското однесување

Американскиот претседател Барак Обама во говорот се осврна и на најновите тензии на корејскиот полуостров, порачувајќи дека Северна Кореја ги прекршила правилата и оти сега е време за остар одговор на меѓународната заедница. „ Сите држави мора да се соединат и да изградат посилен глобален режим и затоа мораме да стоиме рамо до рамо и да извршиме притисок врз Северна Кореја да го промени курсот.“, рече Обама.

Верувам во силна и обединета ЕУ

Во Прага Барак Обама одржа краток самит ЕУ-САД на кој покрај него присуствуваа 27-те шефови на држави или на влади на земјите членки на ЕУ. На средбата се разбира се наметна темата за новиот ракетен тест на Северна Кореја, но се разговараше и за политиката за Блискиот Исток и заштитата на климата пред се’ европско-американската соработка. Новиот американски претседател упати јасна порака до европските лидери:

„ Според моите погледи нема стара или нова Европа. Постои една обединета Европа. Верувам во силна Европа и силна Европска унија. Верувам дека ќе бидеме посилни партнери и мојата администрација е решена да стори се’ што може да ве поддржи.“