1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама најавува нови политички промени

Американскиот претседател, Барак Обама, веднаш се зафати со промена на политичкиот курс. Најави затворање на Гвантанамо, забрана на тортурата, а сега и промени во политиката за климата и во односите кон Иран.

default

Претседателот на САД, Барак Обама

Последните вести од пазарот на труд во САД не ветуваат ништо добро. Повеќе од 40.000 работни места треба да бидат укинати поради економската криза. Тоа го најавија јасно повеќе фирми, меѓу нив познатиот производител на машини „Катерпилар“ и синџирот продавници за градежни работи „Хоум Депо“. Меѓутоа тоа не е причина претседателот, Барак Обама, да се откаже од планот за промени во политиката на енергија и животната средина.

Напротив, тој синоќа изјави:„Во периодот на големи предизвици ниту една тема не е поважна за иднината на Америка од енергијата. Зависноста на САД од нафта е една од најголемите закани со која е соочена нашата нација.“

Америка водечка во климатската политика?

Обама смета дека неговата нова енергетска политика ќе донесе и нови работни места. Тој гледа поврзаност меѓу политиката за животната средина и националната безбедност, а истовремено најавува дека Америка ќе ја преземе водечката улога и во климатската политика: „За да ја заштитиме нашата клима и заедничката безбедност, мораме да постигнаме една вистинска глобална коалиција. Тоа значи дека ние дејствуваме, но дека истото треба да го прави и светот. Треба да им ја одземеме моќта на диктаторите и да ги запреме изворите на нивно финансирање. Сигурни сме дека земји како Индија и Кина ќе дадат свој придонес во ова.“

Во текот на неделава Обама ќе лобира во Конгресот за неговиот економски пакет со кој планира во наредните 18 месеци да се отворат четири милиони нови работни места. Трошоците за ова се предвидува дека ќе изнесуваат околу 825 милиони долари.

Промени во политиката кон Иран

Истовремено американскиот претседател Обама сака промени и во политиката кон Иран. Тој сигнализира подготвеност за директни разговори со Техеран околу спорното прашање за атомската програма. Американската амбасадорка во Обединетите нации, Сузан Рајс, објаснува: „Точно ќе утврдиме што е неопходно и што има смисла за да го задржиме притисокот врз Иран и да го натераме да ја запре атомската програма. Во дијалогот и дипломатијата мора јасно да биде содржана пораката на САД и меѓународната заедница дека Иран мора да се држи до своите обврски.“

Со понудата за разговори со властите во Техеран, Обама прави пресврт во политиката. За разлика од него, поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш, отфрлаше можност за директни разговори. Повеќе западни земји го обвинуваат Иран дека се стреми кон развој на атомско оружје. Иранските власти тоа го отфрлаат.