1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама: „И јас можев да бидам Трејвон Мартин“

Американскиот претседател досега само писмено се изјасни за спорната ослободителна пресуда против убиецот на црното момче, Џорџ Зимерман. Но, следеше изненадување, Барак Обама за случајот проговори лично пред камерите.

На прес-конференција во Белата куќа, американскиот претседател Барак Обама го коментираше случајот на Џорџ Зимерман, кој е ослободен од вината за убиството на 17-годишниот Трејвон Мартин.

Обама рече дека афроамериканците на случајот гледаат преку призмата на личното искуство и историјата, која се‘ уште е жива.

„Кога Трејвон Мартин беше застрелан, прво си помислив дека тоа можеше да биде мојот син. После си реков дека Трејвон Мартин можев да бидам јас, пред 35 години“, изјави Обама во првата изјава откако судот во Флорида го оправда убиството на членот на доброволното обезбедување Зимерман, кој го застрела невооружениот Мартин.

George Zimmerman Trayvon Martin

Џорџ Зимерман и Трејвон Мартин

Според Обама, црните мажи во Америка се навикнати на нив да се гледа со страв и сметаат дека не се третирани рамноправно пред законот. Во емотивната изјава, тој уште раскажа дека пред да ја преземе должноста сенатор на американската сојузна држава Илиноис, гледал како возачите одвнатре си ги заклучуваат автомобилите, а жените поцврсто ги стискале чантите кога тој минувал покрај нив.

Американскиот претседател повика на преразгледување на државните и локални закони, кои го уредуваат правото на легитимна самоодбрана. Тој меѓутоа истакна дека спорниот процес против Зимерман течел професионално, а пресудата не треба да се оспорува. Истовремено, Обама повика на мир и разумност пред за денеска закажаните демонстрации. Насилството би ја обесчестила смртта на Трејвон, истакна Обама.

Познатиот афроамерикански духовник Ал Шарптон најави протестни собири во повеќе американски сојузни држави, со цел да се издејствува нов процес против Џорџ Зимерман.

29-годишниот Зимерман во февруари 2012 година го уби 17 годишниот Трејвон Мартин во градот Санфорд во Флорида, сметајќи го невооружениот тинејџер за провалник. Судот поверува во исказот на Цимерман, дека Трејвор го нападнал, по што тој пукал во самоодбрана. Случајот предизвика големи бранувања, зашто се смета дека е поврзан со расизам.