1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама и Ромни тренираат за првиот тв-дуел

Телевизиските дуели на претседателските кандидати во САД се традиција. Тие носат многу, но на нив може и да се загуби многу. Затоа и Мит Ромни и Барак Обама тренираат со спаринг партнери за денешното (03.10) соочување.

Претседателот Барак Обама „потона“ во Лас Вегас. Во близина на метрополата на игрите на среќа тој заедно со своите советници за телевизиската дебата тренира одговори, држење на телото и напади. Вистинска вратоврска, компетентност, но и насмевка во вистинско време - се‘ е важно! Притисокот врз двајцата кандидати е огромен.

Според најновите истражувања на јавното мислење, Мит Ромни повторно успеа да му се приближи на Обама. Конкурентите сега ги делат само три проценти. Ако избори се одржат денеска, за Обама би гласале 50% од избирачите, а за предизвикувачот Ромни - 47%. Двајцата кандидати се обидуваат да ги спуштат очекувањата од телевизискиот дуел. „Гувернерот Ромни е добар во дебатите, јас сум само океј“, вели Обама на пример.

Barack Obama Parteitag Demokratische Partei

Барак Обама: Гувернерот Ромни е добар во дебатите, јас сум само океј

Со спаринг партнери во тренинг-камп

Но во американските медиуми веќе сега се зборува за историски резултат. Републиканецот Крис Кристи вели: „Дебатата може да ја преврти на глава претседателската трка“.

Мит Ромни со недели тренира за својата прва размена на удари со претседателот. За спаринг партнер го зеде сенаторот Роб Портман од Охајо. Проблемот на Ромни е што понекогаш делува здрвено. Духовитите забелешки не се негова јака страна.

На прашањето: „Кој кандидат ви е посимпатичен?“, и натаму поголемиот дел граѓани се изјаснуваат за Обама. Неговата предност е што всушност може само да добие. Негов противник на тренингот за дуелот е Џон Кери, демократ кој има искуство во претседателските дебати. Тој имено настапи во 2004 година против Џорџ Буш. На сите три телевизиски дуели имаше подобар резултат од Буш, а на крајот сепак загуби на изборите.

Mitt Romney

Проблемот на Мит Ромни е што понекогаш делува здрвено - духовитите забелешки не се негова јака страна.

Во тв-дуелот може многу да се загуби

Ставовите околу тоа колкаво е навистина влијанието на телевизиските дуели врз гласањето, се различни. Политичките набљудувачи се согласуваат во тоа дека кандидатите не можат многу да добијат, но можат многу да загубат. Една погрешна реченица, која потоа постојано би се цитирала, или еден несоодветен израз на лицето, можат да уништат повеќемесечна работа во кампањата. Ал Гор, на пример, во 2000 година против Буш имаше погрешен мејк ап и изгледаше жолт на телевизија. Тоа наводно го чинеше многу симпатии.

Денеска на дебатата ќе стане збор пред се‘ за внатрешната политика. Дуелот ќе го води легенадарниот Џим Лерер, кому ова ќе му биде 12. тв-дуел. За да остане неутрален, како што самиот вели, не оди да гласа. Обама и Ромни добиваат по шест прашања од сферите економија, безбедност, здравствена политика и проблемот на абортус. Кандидатите не ги знаат прашањата на водителот на дебатата.

Еден победник на дебатата веќе е познат - тоа се телевизиите, кои сметаат со околу 60 милиони гледачи. Ваква квота имаат само спротски настани како финалето во американски фудбал, таканаречениот Супер Боул.