1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама и Ромни на последен ТВ-дуел

Анкетите покажуваат речиси еднаква поддршка за двајцата кандидати за американски претседател - Барак Обама од Демократската партија и Мит Ромни од Републиканската, пред нивното последно директно ТВ-соочување.

Деведесетминутната дебата ќе се одржи денеска (22.10) на Универзитетот во Бока Ратон, во сојузната држава Флорида, во 21 часот по локално време, и ќе биде посветена на надворешната политика. Модераторот Боб Шифер од телевизијата Си-Би-Ес најави пет теми за кои треба да се произнесат претседателските кандидати, при што најмногу време е предвидено за случувањата на Блискиот Исток и тероризмот.

Обама и Ромни ќе треба да ги изнесат своите ставови во однос на следните теми: „Улогата на САД во светот“, „Најдолгата војна на САД - Авганистан и Пакистан“, „Црвените линии - Израел и Иран“, „Изменетиот Блиски Исток и новото лице на тероризмот“ и „Прогресот на Кина и утрешниот свет“. 

Аналитичарите забележуваат дека не се опфатени повеќе важни теми, како финансиската криза во еврозоната и односите на САД со Русија, но доколку сакаат Обама и Ромни можат да се осврнат и на други теми, кои не се содржани на листата прашања за дискусија. 

Иако водечката тема на овие избори е економијата, надворешната политика го привлече медиумското внимание по нападот од 11 септември врз конзулатот на САД во либискиот град Бенгази, во кој беа убиени четворица Американци, меѓу кои и американскиот амбасадор Кристофер Стивенс. 

DW.COM