1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама и Путин не се договорија за Сирија

При групното фотографирање на самитот на Г20 не се ни погледнаа, но на крајот сепак се сретнаа - Обама и Путин разговараа за Сирија. Разговорот бил наводно конструктивен, но разликите остануваат.

На самитот на Г20 во Санкт Петербург не е постигнат напредок по прашањето на Сирија. Тука не промени ништо ниту личниот разговор на двајцата моќници - американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин.

„Секој остана на својот став, но има дијалог“, изјави Путин пред новинарите, на крајот на самитот на Г20. „Тоа беше многу информативен, конструктивен и пријателски разговор“, информираше Путин, додавајќи дека е договорено министрите за надворешни работи на двете земји да се состанат и да разговараат „за оваа многу болна тема“.

Обама пред неколку недели ја откажа планираната билатерална средба со Путин, затоа што беше лут поради рускиот азил за Едвард Сноуден, човекот што ја разоткри програмата за надгледување на американската тајна служба НСА. Путин денеска рече дека со Обама не разговарал за случајот Сноуден. „Разговаравме само за Сирија“, рече рускиот претседател, нагласувајќи дека и онака не се поставува прашањето за испорака на Сноуден на САД.

Обама ќе и‘ се обрати на нацијата

G20 Sankt Petersburg Barack Obama und Xi Jinping

Г20 со поголема согласност за економските теми

Американскиот претседател Обама, пак, најави дека наредната недела, во вторник (10.09) ќе и‘ се обрати на нацијата во врска со конфликтот во Сирија. На крајот на самитот во Санкт Петербург, Обама рече дека мнозинството учесници на самитот биле уверени оти режимот на Асад извршил напад со отровен гас, но додаде дека мнозинството држави посакуваат мандат на Советот за безбедност за евентуална воена интервенција. „Има времиња кога мора да се носат тешки одлуки“, нагласи Обама, не наведувајќи што ќе направи доколку американскиот Конгрес не даде дозвола за напад.

Г20 договори мерки против избегнувањето данок

Значително поголемо единство на самитот на Г20 владееше околу економските теми кои беа на агендата. Во завршната декларација се вели дека светската економија се опоравува, но дека е се‘ уште рано да се прогласи крај на кризата. Кинескиот претседател Ши Џинпинг од државите на Г20 побара да стават ред во сопствената куќа. За таа цел е неопходна подобра соработка.

Но, за таква соработка е неопходно време. Тоа доаѓа јасно до израз кај реформите на финансискиот пазар. Земјите имаат преземено значителни чекори во изминатите години, но останува уште многу да се строи. Во Санкт Петербург е договорен временски план за да се спречи легалното избегнување данок на мултинационалните концерни. На тоа инсистираше пред се‘ Ангела Меркел.

G20 Sankt Petersburg 06.09.2013 Obama und Merkel

Меркел и Обама во Санкт Петербург

„Од една страна се бориме против невработеност, а од друга страна се‘ уште има многу добростоечки претпријатија кои никаде во светот веќе не плаќаат данок. Не‘ радува и тоа што бележиме напредок за регулирање на ’банкарството во сенка’. Сакаме да покажеме дека се држиме до дадениот збор, според кој секој финансиски актер, секое финансиско место и секој финансиски производ мора да биде опфатен со правила на регулација. На тоа светот мора заеднички да работи“, рече Меркел.

Од страна на невладините опрганизации се поздравени пред се‘ чекорите кон фер глобален даночен систем, дотолку повеќе што Г20 тврди дека од тоа би морало да профитираат и земјите во развој. Сега меѓутоа, како што побара на пример Оксфам, во преговорите би требало да бидат вклучени и посиромашните земји.

За борбата за поголема даночна праведност да биде поефективна, државите на Г20 се договорија да разменуваат информации. Стандардите за таа цел би требало да се развијат до 2015 година и на тој начин треба да се создаде заедничка база на податоци.

На последната работна средба, денеска попладне (06.09), шефовите на држави или влади се занимаваа со светската трговија и борбата против протекционизмот. Во тој дел секоја година е исто, се‘ наликува речиси на ритуал - секој, секоја година потпишува изјава со која се оценува дека трговските ограничувања се штетни, а истовремено протекционистичките мерки секоја година се се‘ побројни.