1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама и Клинтон денеска ќе ги вкрстат копјата во Мисисипи

Американската предизборна битка денеска продолжува во сојузната држава Мисисипи, патем најсиромашната и социјално најслабата американска држава.

default

Јасен фаворит на изборите во сојузната држава Мисиспи: Барак Обама.


Во поранешното царство на памучните плантажи со голем удел црнечко население, живеат и најголемиот број американски граѓани без здравствено осигурување. Од таа гледна точка како апсолутен фаворит важи Барак Обама, кој и самиот има црнечко потекло. Според испитувањата на јавното мнение, не е прашање дали, туку само со колкава разлика ќе победи Обама.
Остра битка за секој глас
Барак Обама и Хилари Клинтон ги вкрстија аргументите и во Мисисипи, сојузна држава која згора на сета сиромаштија уште не се опоравила ни од последиците на катастрофалниот ураган Катрина. Десетици илјади нејзини граѓани уште живеат во прифатилишта, иако од налетот на ураганот минаа повеќе од две години. Затоа Хилари Клинтон во настапот се профилираше како кризна менаџерка:
„Под моето претседателство ќе има посебен пратеник за ураганот Катрина, кој секојдневно ќе ме известува за напредокот во изградбата на куќите, на инфраструктурата и проблемите со осигурителните компании.„
Хилари Клинтон мудро тактизира
Нејзиниот соперник Барак Обама во меѓувреме полека се опоравува од наметливата понуда на Хилари Клинтон тој да стане потпретседател на САД.
„Се кандидирам само за функцијата претседател на САД и за позицијата на главен комендант на армијата!„ – нагласи Обама пред неговите симпатизери.
Тој појасни дека аргументите на неговата сопартијка и соперничка се противречни. Од една страна таа го смета премалку искусен за да стане претседател на државата, а од друга страна сепак за доволно компетентен за важната позиција на заменик претседател. Тој меѓутоа не мора многу да ги уверува граѓаните на Мисисипи, каде сеќавањето на ропството и тешката работа на плантажите со памук се‘ уште е многу живо. Овде повремено избувнуваат и расни немири, бидејќи населението е најсиромашно во споредба со другите сојузни држави. Во принцип граѓаните на Мисисипи воопшто не се интересираат за долготрајната борба за моќ на двајцата кандидати на Демократите.
„Ним им треба кревет, перница и покрив над главата. Но, за овие луѓе нема станови„ – појаснува Марк Џоунс, претставник на една хуманитарна организација.
Впрочем од Мисисипи доаѓаат само 33 гласови за номинација на кандидатот на Демократите за иден претседател. Изборните тимови веќе се концентрираат на следната, поголема сојузна држава со поголем број делегатски гласови и - со бело население.