1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама доаѓа на комеморацијата за Мандела

Поранешниот јужноафрикански претседател и икона на борбата против апартхејдот, Нелсон Мандела, ќе биде погребан на 15 декември. Централната комеморативна церемонија ќе се одржи на 10 декември во Јоханесбург.

Комеморативната церемонија за Нелсон Мандела би можела да биде еден од најголемите општествено политички настани на годината. Само од Соединетите Американски Држави во Јоханесбург имаат намера да допатуваат актуелниот претседател Барак Обама и неговите двајца претходници Џорџ Буш помладиот и Бил Клинтон. Весникот „УСА тудеј“ (Ју-ес-еј тудеј) јави дека е можно на церемонијата да присуствува и уште еден поранешен претседател на САД, 89-годишниот Џими Картер. Своето присуство во Јоханесбург го најави и францускиот претседател Франсоа Оланд. Кој ќе ја претставува Германија сѐ уште не е познато. Централната комеморативна церемонија за поранешниот јужноафрикански претседател треба да се одржи на 10 декември, на ФНБ стадионот во Јоханесбург.

Нелсон Мандела ќе биде погребан на 15 декември во селото на своите претци, Куну, на Источниот Р’т, соопшти вчера претседателот на земјата Џејкоб Зума. Во Јужноафриканската Република е прогласена седумдневна национална жалост, а до погребот на Мандела националните знамиња низ целата земја ќе бидат спуштени на половина копје.

Мандела, иконата на борбата против апархејдот во Јужноафриканската република и еден од највлијателните политички личности на 20 век, почина во четвртокот (05.12.2013) на 96 години во неговиот дом, во предградие на Јоханесбург.