1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама го оправдува следењето - социјалните мрежи негираат вмешаност

По информациите за масивното собирање на податоци од приватни телефони и интернет од страна на американската служба за разузнавање, претседателот Барак Обама тргна во офанзива. Социјалните мрежи негираат вмешаност.

Шефот на „Гугл“ Лари Пејџ и коосновачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг негираа дека соработувале со Агенцијата за национална безбедност во спроведувањето на програмата за следење, која навлегла во нивните сервери со цел да дојде до приватни податоци за нивните корисници. Двете компании бараат поголема транспарентност. Со програмата за следење се погодени девет интернет компании. Покрај „Гугл“ и „Фејсбук“, со неа се погодени и „Мајкрософт“, „Јаху“, „ПалТок“, „АОЛ“, „Скајп“, „ЈуТјуб“ и „Епл“.

Google I/O 2013 San Francisco

Лари Пејџ

„Ние не сме се приклучиле кон некоја програма што ќе и’ даде на американската или некоја друга влада директен пристап до нашите сервери“, напиша Пејџ во објава на блог.

Тој додава дека неговата компанија „Гугл“ разбира оти владите мораат да преземат акции за да ја заштитат безбедноста на граѓаните, но „нивото на безбедност зад постоечки легални процедури ги поткопува слободите за кои сите се залагаат“.

„Не сме добиле барање или судска наредба од која било владина агенција за метадати... Ако добиеме, ние агресивно ќе се бориме против тоа“, нагласи Марк Закерберг во објава на „Фејсбук“. Во неа стои дека „Фејсбук“ „силно ги охрабрува сите влади да бидат потранспарентни за сите програми чија цел е зачувувањето на јавната безбедност“.

Негирањата за вмешаност од страна на „Гугл“ и „Фејсбук“ стасаа откако весниците „Гардијан“ и „Вашингтон пост“ објавија дека Агенцијата за национална безбедност имала развиен програм наречен ПРИСМ за надгледување на аудио и видео разговорите, фотографиите, мејл адресите, документите и поврзувањата на централните сервери на големите интернет компании.

Следењето - дел од борбата со тероризмот

Flash-Galerie Genies des Alltags Mark Zuckerberg

Марк Закерберг

Реакциите на двете компании стасаа откако американскиот претседател Барак Обама се обиде да ја одбрани програмата ПРИСМ и следењето на телефонските и електронски комуникации. Тој изјави дека акцијата е дел од борбата против тероризмот.

100 проценти сигурност, 100 проценти приватност и нула непријатности не се можни, рече претседателот Обама, кој првиот мандат пред четири години го започна со ветување дека ќе внимава на почитувањето на правата на граѓаните.

„Никој не ги слуша вашите разговори“, изјави сега Обама. За да ги смири страстите тој додаде дека активностите на разузнавачката служба се под „многу строг надзор“ на парламентот и сојузните судови. Тој рече дека програмата е одобрена од Конгресот и дека од 2006-та година за неа се гласа со двотретинско мнозинство. Обама рече дека следењата помагаат да се спречат терористички напади.

Законот во САД ги штити американските државјани од следење без судска наредба, но лицата надвор од територијата на земјата не располагаат со ваква заштита и може да бидат шпионирани сосема законски.

Загриженост во Европа

USA Obama San Jose Krankenversicherung Internetüberwachung

Обама се обиде да ја спушти топката

Фунционери на ниво на ЕУ и на национално ниво изразија загриженост дека американското следење на интернет податоците би можело да има влијание и врз европските граѓани. Гардијан информираше дека во Велика Британија програмот ПРИСМ се користи од 2010 година.

„Американската влада мора да разјасни во однос на овие монструозни обвинувања за целосно мониторирање на различни телекомуникациски и интернет сервиси“, рече Петер Шар, германски комесар за заштита на податоците и слобода во информирањето.

Еврокомесарката за правда Вивиен Рединг, пак, рече дека откривањето на оваа тема би требало да создаде импулс за создавање на подобри закони во Европа за заштита на податоците. Таа нагласи дека „заштитата на личните податоци не е луксуз, туку фундаментално право“.