1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ги повика Американците на мирољубивост

САД изминатите недели ги потресоа повеќе насилни акти. Претседателот Обама е загрижен и апелира до своите сонародници за меѓусебна толеранција.

По крвопролевањето во храмот на Сиките изминатиот викенд во Висконсин, претседателот на САД Барак Обама ги повика Американците да бараат можности за намалување на насилството. „Во оваа земја мораме да се грижиме едни за други и меѓусебно да се почитуваме, сеедно како изгледаме, од каде доаѓаме и кому му се молиме“, изјави Обама.

По крвавиот напад врз храмот на заедницата Сики се’ повеќе индиции укажуваат дека делото има расистичка позадина. Американската сојузна полиција ФБИ имала сознанија за контакти на осомничениот сторител со неонацистичката сцена. Напаѓачот во храмот на Сиките уби шест луѓе, пред да биде застрелан од полицаец. Во моментот кога беше извршен нападот храмот бил полн со луѓе.

Изгорена џамија во Џоплин

Дека муслиманите во САД може да бидат цел на анти-исламистички напади, покажува и нападот еден ден по крвопролевањето во Висконсин. Во Џоплин во сојузната држава Мисури во понеделникот најверојатно е извршен напад со подметнување на пожар. Претставник на локалната полиција изјави дека џамијата е целосно уништена. Тој наведе дека не може да го оцени делото како расистичко бидејќи се’ уште никој не е уапсен.

Членови на заедницата во Џоплин сметаат пак дека се работи за расистички и антиисламски мотивиран напад со подметнување пожар. Од нејзиното основање, во 2007 година џамијата била постојано цел на напади, нагласи еден од претставниците на заедницата.