1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ги искара тајните служби

Американскиот претседател Барак Обама од шефовите на службите за безбедност побара брзо делување и затворање на дупките во безбедносниот систем што потфрли на катастрофален начин при обидот за напад на авион во Детроит.

default

Обама-остра критика заради обидот за напад

Причината што осомничениот терорист на Божик воопшто успеал да се качи во патничкиот авион за Детроит и без пречки да го активира експлозивниот материјал не е во тоа што немало доволно информации, туку тоа што овие информации не биле навремено проследени, истакна видно налутениот американски претседател по средбата со шефовите на тајните служби и безбедносните власти во Белата куќа.

Како дошло до грешката?

Зад затворени врати се дискутираше пред се` за прашањето зошто предупредувањата и сигналите за можен терористички напад на првиот ден од Божик не биле сериозно сфатени. Таткото на 23-годишниот Нигериец Умар Фарук Абдулмуталаб ги информирал американската амбасада во Нигерија, како и ЦИА дека неговиот син се` повеќе се радикализира. Според американските медиуми, совесниот татко тоа го сторил дури во повеќе наврати, неколку пати бил лично во амбасадата, а се јавувал и телефонски и пишувал писма. Сепак, неговите предупредувања биле само рутински обработени.

„Американската влада располагаше со доволно информации да го открие заговорот за атентат и да го спречи нападот на Божик. Меѓутоа, тајните служби потфрлија при поврзувањето на овие информации, кои ќе го ставеа осомничениот терорист на црната листа за летање. Со други зборови, немавме грешки во собирањето на податоците, туку проблемот настана при обработката на информациите и нивното вреднување“, истакна Обама, кој додаде дека сфаќа дека ниту тајните служби не се совршени, но дека вакви пропусти сепак нема да толерира.

Obama / USA / Sicherheit

Обама бара итни мерки

„Кога осомничен терорист ќе успее да се качи во авион со експлозив на себе, тогаш системот потфрлил на катастрофален начин“, порача Обама во изјавата по средбата во Белата куќа.

Засега престанува префрлањето затвореници воЈемен

Со оглед на најновиот развој на настаните, американскиот претседател одлучи за сега да престане префрлањето на затвореници од Гвантанамо во Јемен, откако се дозна дека Нигериецот Умар Фарук Абдулмуталаб, кој се обиде на Божик да активира експлозивна направа во американски авион, бил обучуван во Јемен од страна на Ал Каеда. Сепак, Обама останува на плановите за затворање на Гвантанамо.

„Ќе го затвориме затворот Гвантанамо, кој ги наруши нашите државни безбедносни интереси и стана алатка за регрутирање на членови на Ал Каеда,“ соопшти Обама.

Во овој контекст, тој додаде дека борбата на САД против оваа терористичка мрежа ќе продолжи, без оглед каде нејзините припадници се обидуваат да најдат засолниште или да пуштат нови корени, а владите на САД и Јемен ќе продолжат да соработуваат во насока на елиминирање на Ал Каеда во оваа земја.

На средбата во Белата куќа, меѓу другите, беа и шефот на ЦИА, Леон Панета, шефот на државната разузнавачка служба Денис Блер, директорот на ФБИ, Роберт Милер, како и министерката за надворешни работи, Хилари Клинтон.

Автор: ТТ/ГЧ/ дв/дпа/афп/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM